Првиот академски час е почеток на остатокот од животот на младите луѓе. Момент кога компасот на нивниот живот се насочува кон иднината што ќе го дефинира нивниот професионален пат. Во која насока ќе се движи нивната академска приказна, зависи од самите студенти, од нивната посветеност, упорност и желба за знаење. Но, во тој процес голема улога играат и изборот на факултетот, квалитетната образовна програма, стручноста на професорите, кои заедно ќе го насочат студентот и ќе го подготват за избор на идеалната професија. Преку нашата иновативна студиска програма, практична работа и професори и предавачи со искуство од индустријата, нудиме ваква поволна стартна позиција на своите студенти.
Нашите идни софтверски инженери и UX/UI и графички дизајнери кои за првпат седнаа во своите студентски клупи го искусија и првиот академски час кој за овие млади лица полни со ентузијазам и големи очекувања претставува само почеток на патување исполнето со нови знаења, вештини, раст и достигнувања.

Тим фокусиран на целокупното искуство на студентите
Brainster Next College е единствениот факултет кај нас што има цел Student Success тим фокусиран на целокупното индивидуално искуство на студентите наместо класичната студентска администрација или популарно наречените „студентски прашања“.
Нашите студенти ги пречека Александра Димкова, Student Success координатор на Brainster Next College, која со својата позитивност и пристапност веднаш им помогна да се опуштат и да заборават на тремата.
„На овој ден влегувате во ново поглавје во вашиот живот. Ова е приказна што ќе биде многу поразлична од сето она што ќе го доживеете, а јас ќе ви помогнам да имате најдобро искуство на нашиот факултет. Ние сме тука за вас и ќе бидеме тука за да ви помогнеме во секој чекор“, им кажа Александра.

Александра ги советуваше да не заборават да уживаат во целиот процес и да создаваат нови пријателства и секако, да ги ценат сите моменти и нови искуства иако не секогаш би биле најдобри. Но, на крајот од ова патување, секој чекор би бил поблиску до главната цел и ќе им помогне да се издигнат во професионалци.
„Вие сте дојдени тука да ги изградите вашите соништа, визии и цели. Борете се за тоа што го сакате цело време, но на професионален начин и со огромна почит еден кон друг. Уживајте во учењето“, им посака Александра.
Какви совети добија студентите?
На првиот академски час, кој се одржа неодамна генералниот менаџер на Brainster Next College, Александар Клашниновски, генералениот менаџер на Brainster Next College на студентите им посочи колку успешноста на ова академско патување зависи од нивната посветеност, мотивација и труд.
„Ќе имате можност да запознете одлични професори и предавачи и од Македонија и од странство и да учите на практичен начин што ќе ве подготви за реалната работа што ќе ве чека во компанија“, им сподели Александар.
Секако, тој не го изостави и фокусот да ги подготви студентите за интензивниот начин на работа низ кој мора да поминат со цел да станат успешни во својата работа.
„Ова ваше академско патување многу зависи од вашата инволвираност, желба и мотивација. Ќе биде тешко, сите сте се одлучиле да учите за професија за која просечната плата во Македонија е 1550 евра, а неколку илјади ако работите во странска фирма. Сите ја знаат таа страна од приказната, но другата страна е дека платите се толку високи бидејќи таа работа не е едноставна. Ако беше лесно, сите ќе бевме софтверски инженери и ќе програмиравме. Од вас ќе се бара многу работа, нема да биде едноставно, но ако се посветите, ви гарантирам дека успехот нема да изостане“, ги советуваше Клашниновски.

Анја М. Макеска, професорка на Brainster Next College, даде одлична аналогија со што им покажа на студентите дека како во секоја врска, така и во ова академско патување треба да има реципроцитет.
„Она што ние ќе ви го дадеме тука ќе биде знаење, а пред сѐ ќе биде знење што ќе биде релевантно, бидејќи сите професори што ќе ви предаваат буквално го дишат тоа што ќе го учите, го работат секој ден. Затоа ќе бидете потстојано во тек со сето она што се случува во моментот на пазартот, со сите трендови. Ќе го добиете знаењето, но на вас останува останатиот дел, трудот и посветеноста и да дадете 100 проценти од себе“, дополни Анја.
Потоа ги запозна студентите со нејзиниот предмет и зошто токму меките вештини се уште поважни од техничките.
„Иако дел од моите колеги нема да се согласат со мене, но меките вештини што ќе ви ги предавам јас се многу поважни од техничките. Што мислте дека ќе се случи после 3 години студирање тука, ако се појавите на интервју пред човечки ресурси на ИТ- компанија заедно со ваш колега од факултетот со истите оценки, позадина и знаење. Што е она што ќе ве разликува? Се разбира, меките вештини, со кои ќе почнеме да се запознаваме уште од следниот час“, објасни Макеска.
Академската координаторка и предавач на колеџот, Ема Кастратовиќ, додаде дека покрај меките вештини, за кои се согласи дека се многу важни, студентите ќе имаат можност да го научат техничкиот аспект на својата идна професија.
„Дел од вашето време мора да биде посветено и на иновациите, а тоа значи учење на претприемништво. Ние веруваме дека голем дел од вас ќе бидат иноватори и ќе основаат сопствени компании. Она што ќе го учите со мене е поврзано со овие теми и ќе научите како најдбро да ги искористите средствата што ги имате и своите идеи и иновации да ги прераснете во профитабилен бизнис“, им кажа Ема.

Ивица Пешовски, професор на Brainster Next College кого дел од студентите имаа можност да го запознаат уште на Отворениот ден, ќе предава три предмети на студиската програма по Софтверско инженерство и иновации.
„Овие три години што се пред вас се нешто што ќе ве дефинира, ќе ве насочи и буквално ќе го одреди патот на вашиот живот. Од вас зависи како ќе ги истрошите овие 3 години. Можеби ќе сакате да се забавувате, можеби нема да сакате да се посветите на учење. Јас ве советувам да ги искористите максимално. За 3 години ќе треба да станете двигатели на општеството. Како софтверски инженери ќе имате одговорност и затоа сакам сериозно да се посветите на учењето и да го разберете она што ќе го научите“, им посочи Ивица.
Со предавачот и експерт од индустријата Никола Кусибојоски, студентите ќе се дружат во првиот семестар по два предмети, Веб апликации и Кориснички интерфејс. Тој им даде три совети за како да бидат подобри и поуспешни студенти.
„Мој прв совет е добро да го изменаџирате вашето време. Верувајте дека ќе имате време за сѐ, но мора да одлучите што ќе ви биде приоритет. Има време за сè, но 80 проценти од времето треба да го трошите на учење. Втората работа што би ве посоветувал е да си најдете соодветно друштво, колеги со кои ќе имате слични амбициии, луѓе кои од вас ќе прават подобри личности. Вака најдобро ќе си помагате едни на други и ќе си ги остварувате целите. Последниот мој совет би бил, секојпат да се потрудите да бидете најдобрата верзија од себе. Без разлика дали решавате домашна или сте на испит, дајте 100 проценти од себе. Многу среќа и успех ви посакувам во студирањето“, кажа Никола.

Петар Јолакоски е професор на Brainster Next College кој ќе им предава два предмети на студентите од студиската програма по Софтверско инженерство и иновации.
„Традиционално, студентите досега на математиката и пристапуваат со немир, но нема потреба од тоа. Главниот совет што би ви го дал е да учите редовно, секое поглавје редовно да го совладувате. Ако наеднаш му пристапите на материјалот пред испит, ќе имате потешкотии. Затоа трпение, редовно учење и сѐ ќе биде во ред“, им сподели Јолакоски.
Студиска програма која ќе направи вистинска промена
Студентите, видно возбудени, со голем ентузијазам и желба да ги започнат своите студии, рекоа дека уште при првата средба со тимот на Бреинстер Некст колеџ знаеле дека тоа е вистинскиот избор за посакуваната ИТ-кариера. Уште од првиот ден ја почувствуваа убавата атмосфера и пријателско-менторски пристап на професорите.
Милан Недев од Демир Капија ни сподели дека едвај чека да започне со студиите. За првата година се чувствува веќе делумно спремен поради тоа што веќе има одредено искуство во програмирањето, но очекува да добие нова перспектива на работите токму затоа што ќе биде подучуван од експерти од сферата. Ни кажа и дека со нетрпение ги очекува предавањата кои ќе му помогнат да ги развие комуникациските вештини и да ги подобри своите меки страни.
„Го одбрав Brainster Next College затоа што никој друг факултет не понуди некоја различна програма. Сите некако нудат широко опфатени програми, но ништо конкретно. Brainster Next College понуди нешто конкретно, различно, модерно и видов реален труд од самиот тим. Ова е програма која ќе направи вистинска промена во типот на образование и ќе те спреми за реалниот живот и она што ќе те очекува на работното место. Во иднина би сакал да имам моја софтверска компанија која ќе им го олеснува животот на луѓето“ возбудено ни сподели Милан.
Ива Чекарова од Скопската гимназија „Орце Николов“ ни сподели дека иако порано немала посебен интерес во оваа сфера, со напредокот на технологијата кај неа се појавил интерес да дознае што стои позади целото програмирање и како некој успева да испрограмира нешто.
„Очекувам да ги стекнам сите вештини потребни за работа во овој свет, очекувам квалитетна настава и многу пракса. Се надевам дека покрај учењето ќе стекнам и многу нови пријатели и дека заедно ќе успееме да ги совладаме сите предизвици. Светот дефинитивно се движи во правец на технологијата и сметам дека токму во оваа сфера на професии никогаш нема да бидат доволно вработени. Освен тоа, овој кариерен правец е далеку од лесен и претставува вистински предизвик, а јас обожавам предизвици“, сподели Ива.

Покрај веќе добро познатата студиска програма по Софтверско инженерство и иновации, оваа година се запознавме и со првата генерација студенти на студиската програма по UX/UI и графички дизајн.
Тие исто така ја имаа можноста да се запознаат со Александар Клашниновски. Тој им ги предочи сите предности што ги нуди нашиот факултет, како практична настава, вработување, платена пракса, учество на хакатони и реални проекти и ги охрабри да не пропуштаат ништо, за да бидат подготвени за работа. Тој им препорача да бидат редовни и активни на часовите, затоа што програмата на факултетот е практична и ќе мора континуирано да ги завршуваат обврските и да го надградуваат знаењето. Дополни и дека во овие години треба да се фокусираат на вмрежување и дружба, бидејќи на факултет се стекнуваат вистиснки пријателства.

„Со развојот на вештачката интелигенција важно е да стекнете вештини и во овој дел, но и да развиете критичко размислување. Тоа е тоа што ќе ве одвои од сите останати, зашто на крај на денот AI само ќе напредува, секој ќе може да дојде до некое UX/UI или графичко решение, но она што ќе ве одвои е критичкото размислување. Зошто сте креирале баш такво решение, која е психологијата на луѓето, да научите да бидете архитекти, да бидете пилотот во авионот, а технологијата да ви биде копилотот“, ги советуваше Александар.
Анја М. Макеска, покрај тоа што им посака добредојде, таа им кажа дека избрале многу интересна сфера за учење.
„Сега има нови науки, но и нови начини за тоа како луѓето носат одлуки. Зошто? Заради тоа што секој ден во животот, свесно или несвесно носиме одлуки. Тие одлуки ни прават тежини, маки и ни го дефинираат животот. Вие на некој начин во позадина ќе работите на тоа да им го олесните носењето одлуки на луѓето. Ова е многу креативна и одговорна професија. Во ваши раце ќе биде насочувањето на луѓето да донесат некоја одлука која ќе биде вистинската за нив. Од бојата што ќе ја ставите на некое копче, до што да пушува таму, тие архитекти ќе бидете вие. Со среќа нека ви е“, им посака Анја.
Запознавме и дел од студентите од студиската програма по UX/UI и графички дизајн кои ни ги споделија првите впечатоци.
Ивана Илиевска од Скопје ни сподели дека се одлучила за оваа програма поради тоа што сака да креира и иновира. Очекува да биде успешна, љубопитна и да не се откаже. Сака да тетовира и се надева дека во иднина би можела да ги спои овие две пасии во една и да го искористи целото стекнато знаење на факултетот во спој со тетовирањето.
„Оваа програма е нешто поразлично од сè што имаме кај нас. За факултетот дознав преку социјалните медиуми. Видов дека Brainster нуди академии, но не сакав да се ограничам на едно нешто, сакам да дознаам за сите сфери од дизајнот, вклучувајќи го и ИТ-светот. Досега најголем впечаток ми остави начинот на кој функционирате и како комуницирате со нас. Самиот пристап кој не е многу формален, но секако професионален ни дава можност да бидеме поопуштени и да се вложиме најмногу. На другите би им препорачала да не чекаат и да го одберат Brainster Next College, поради тоа што веќе бев на државен факултет и не е ни приближно ист пристапот“, изјави Ивана.
Виктор Трајковски, студент на студиската програма по UX/UI и графички дизајн ни сподели дека ја одбрал оваа програма поради неговото хоби да дизајнира веб-страници и желбата да дознае повеќе за оваа сфера и да го надгради своето знаење.
„За факултетот дознав преку другар што е запишан на студиската програма по Софтверско инженерство и иновации. Во овие три години очекувам да се стекнам со ново знаење и да работам на многу лични проекти, но и проекти зададени од самиот факултет, а по завршување на факултетот се замислувам како сопственик на фирма во оваа сфера“, ни сподели Виктор.