Што може да направиме за да им помогнеме на оние на кои најмногу им треба помош? Какво добро може да му дадеме на општеството со помош на технологијата? Ова се веројатно прашањата што најмногу им се вртеа во глава на повеќе од 120 учесници кои неодамна работеа на Ways2Help хакатонот, меѓу кои беа и нашите студенти.
Тие, еден викенд поминаа на еден поинаков начин, и најважно научија дека со знаењето што го стекнуваат на Brainster Next College може да прават значајни промени. Сите учесници ги сплотија своите знаења, креативност и хуманост со цел заедно да креираат идејни решенија со кои ќе им помогнат на социјално загрозените семејства.
Организацијата Ways2Help заедно со Women in tech Macedonia организираа хакатон чија главна цел беше користење на технологијата во функција на хуманост. Секој од тимовите требаше да осмисли идејно решение посветено на подобрување на донаторското искуство и подобрување на општественото добро.
Меѓу големиот број на учесници, учествуваа и десет студенти од втора година на студиската програма Софтверско инженерство и иновации на Brainster Next College (Бреинстер Некст колеџ), кои поделени во два тима работеа на различни проекти што сами ги смислија, а со кои ќе им помогнат на оние на коишто им е најпотребно.
Целта зад организирањето на Ways2Help хакатонот
Големата цел зад овој хакатон е желбата на Ways2Help да понуди можност за многу други млади да се соберат и да креираат решение што ќе биде подолгорочно и системско. Решение што навистина ќе им помогне на социјално загрозените семејства.
Моника Ризовска Таневска, коосновач на Ways2Help организацијата ни сподели дека многу се радува за големиот број на учесници и дека дел од идеите досега воопшто не ги ни размислиле, така што има голема доверба во идните генерации дека ќе прават многу добрина со помош на технологијата.
„Многу од овие млади луѓе знам дека еден ден можеби ќе бидат како ние што постојано го градиме Ways2Help и навистина се надевам дека еден ден ќе видиме како и тие ќе прават хакатони и ќе им дадат шанса и на други луѓе да го прават ова што тие го прават денес. Да прават добро за нашата заедница и нормално, да помогнат на тие што им е најпотребно“, сподели Моника.
Ова е огромна можност и влијание, студенти од образовни институции да учествуваат на ваков настан. Учесниците исто така се запознаа и со ментори што се индустриски експерти познати во одредена област. Можеа да ги исконтактираат и да добијат интересни совети што им помогнаа да ја реализираат својата идеја. Ова е одлична можност за секој од тимовите да стекне значајно искуство што ќе му помогне еден ден да креира свој стартап каде што социјално ќе помага на оние на кои им е најпотребно.
„На вакви настани е добро да се приклучуваат студенти, но и средношколци затоа што на овој начин се учат како квалитетно да го посветат своето време, учат за тимска работа, за иновативен пристап, какви платформи можат да креираат за кратко време, како да си ги подобрат презентациските вештини, како најважната идеја и порака да ја пренесат за само 5 минути и кои институции и стејкхолдери треба да ги вклучат за нивната идеја да стане реалност. Ова е убава вежба за сите, која мислам дека еден ден и во бизнисот многу ќе им се најде, па зошто да не го искористат тоа додека прават и хуманитарно дело“, ни сподели Моника.
Уште едно уникатно и практично искуство за нашите студенти
Нашиот прв тим се состоеше од пет студенти, меѓу кои беа Марија Котеска, Лео Новкоски, Стефан Хаџи-Ефтимов, Марко Велиновски и Ѓорге Стојменов.

Тие работеа на идеја слична на Go Found Me, односно креирање на платформа за собирање на средства за луѓе на кои им е потребно лекување во странство. Идејата на платформата е луѓето да се претплатат и месечно да донираат средства кои ќе се акумулираат на едно место. Со тоа, кога ќе се јави потреба за лекување во странство, средствата ќе бидат веќе собрани наместо допрва да се собираат.
„Brainster хакатоните и предавањата на Brainster Next College нè имаат подготвено за работа во тим. Ако не знаете да работите во тим, џабе ќе биде и најдобрата идеја да ја имате. Мора убаво да се поделат обврските и задачите на секој член од тимот“, изјави Лео.
Презентацијата на финалното решение ја започна Лео со неколку прашања до публиката. „Колку од вас се претплатени на iCloud, Netflix или Spotify?“, по што голем дел од присутните ја кренаа својата рака. Потоа, Лео го постави следното прашање „Дали некој од вас го чувствува одземањето на средствата што ги губи од овие претплати?“ и очекувано, немаше ниту една крената рака.
„Се надеваме дека на овој начин ќе успеме да собереме доволно средства за месечно да помогнеме на еден живот во Македонија. Работиме на значаен проект кој пред сè е хуманитарен. Тоа нè мотивира поради тоа што разбираме дека се работи за живот, да помогнеме на некого и тука треба сите да бидеме сплотени и да си помогнеме“, ни сподели Лео.
Марија ни сподели дека за време на претставувањето на другите тимови согледала дека има многу учесници што имаат големо искуство и се професионалци во работата што ја работат. Тоа било голем предизвик, но и покрај натпреварувачкиот дух, пред сè се фокусирале на хуманитарниот аспект на овој хакатон и неговата цел – да се помогне на оние на коишто им е најпотребно.
„Навикнати сме да работиме под притисок. Не знам какво искуство имаат другите и колку се организирани, но ние имаме веќе вакви искуства на Brainster хакатоните каде што за 48 часа сме работеле на многу покомплексни проблеми од овие тука. Исто и искуството што го имавме за време на предметот Импелементација на решение нè има спремено како добро да се организираме поради тоа што беше обемен, работевме на реален проект, а паралелно имавме и други предмети за полагање“, дополни Марија.

Вториот тим со кој учествуваме на овој хакатон беше составен од Атанасија Ѓоргиевски, Давид Петковски, Петар Ѓоргиоски, Владимир Гелов и Сергеј Бојковски.
Тие работеа на платформа преку која тие сами сакаат да ги пренесат своите знаења на деца на кои им е потребно, најчесто лица од социјално загрозени семејства. Платформата би ја полнеле со голема база на курсеви и видеа, односно часови коишто ќе им помагаат на децата што не можат да си дозволат да платат за поскап курс или дополнителни часови.
Видеата ќе ги снимаат сите студенти и професори или ментори што имаат време и желба да го пренесуваат своето знаење за одредена тема и со тоа да им помогнат на децата да ги надградат своите вештини.
Еден од учесниците посочи проблем дека во средно училиште морал да земе приватни часови по физика за да го помине овој предмет со оценка 5, но не секое дете може да си дозволи да плати за приватни часови. Идејата со оваа платформа е да се помогне на секое дете да има бесплатен пристап до ментори или материјали што ќе го спреми за успешно да го заврши образованието.

„Тука ние самите сме донатори затоа што го донираме нашето време и нашето знаење. Со ова ќе можеме да им изградиме добар mindset на тие деца за да можат успешно да излезат од такво загрозено семејство и со самото знаење што ќе го добијат преку тие лекции да успеат да им помогнат и на своите фамилии“, сподели Атанасија.
40 ментори – експерти во својата област меѓу кои и нашиот професор Ивица Пешовски
Ментори од најразлични области без присутни на хакатонот. Имаше успешни и докажани експерти од областа на софтверското инженерство, програмирање, UX/UI дизајн, комуникологија и презентациски вештини, патентирање на идеи и правници. Дел од менторите беа и нашиот професор и CTO на Brainster (Бреинстер), Ивица Пешовски и Димче Картинов – Full-Stack програмер во Brainster.
„За тоа во каква креативна средина работеа нашите студенти овие два дена, сведочи пораката што ја добив во сабота навечер која гласеше: „Ивица, имаме победничко решение и 100% подобра идеја“. Ова е growth mindset кај луѓе од втора година на факулет. Од ова нема назад, може само да се напредува“, сподели Ивица.
Разликата во овој хакатон и хакатоните на коишто нашите студенти биле досега е во тоа што на Ways2Help хакатонот сите групи работеа на различни решенија. На Brainster хакатоните, студентите се соочуваат со еден проблем на кој работат сите, додека пак на овој, тие имаа една тема – како да се искористи технологијата во цели на хуманост. Придобивката за студентите е тоа што можеа да црпат различни идеи од сите тимови и имаа пристап до најразлични типови на ментори.

„Овој хакатон за студентите претставува преголемо искуство поради тоа што се натпреваруваат со учесници од компании кои имаат големо знаење. Но, студентите на Brainster Next College не се демотивираа од ова. Тие веќе се научени да работат под притисок и да изградат нешто од нула за многу кратко време. Имаат голема предност поради тоа што веќе имаат учествувано на други хакатони. На некои студенти ова им е трет хакатон за време на студиите по Софтверско инженерство и иновации“, ни сподели Димче Картинов, Full-Stack програмер во Brainster.
Покрај тоа што менторите им помагаа на учесниците да го креираат замисленото решение, тие одиграа и клучна улога при нивната подготовка за самите презентации и настапот пред судиите. Бојан Кордалов е комуниколог и еден од менторите на Ways2Help хакатонот кој ги поддржуваше учесниците во делот за комуникација и презентациски вештини. Тој, заедно со останатите ментори поминуваа од тим во тим каде што ги споделуваа своите најдобри искуства и одговараше на најразлични прашања од учесниците за како да ја презентираат идејата, како да ја застапуваат со цел да дојдат до повеќе поддржувачи, финасии и да допрат до целните групи.

„Она што најмногу ми се допаѓа е тоа што го гледам здравиот натпреварувачки дух кај учесниците и разработка на својата иницијативна идеја како да е најдобра и како да ќе биде победничка. Тоа е нешто многу здраво и е нешто што кај многумина фали. Во однос на презентацијата се спремаме еден ден порано, бидејќи ако се спремате пред самиот настап веќе е доцна“, ни сподели Бојан.
Овој хакатон им даде дополнително искуство, но и голема самодоверба на нашите студенти. Им даде уште една прилика да ги надградуваат своите способности, да работат тимски и заедно да ги истражуваат и да иновираат во областите на донаторското искуство, со цел да го засилат и унапредат влијанието и значењето на донациите за општество.
Brainster Next College е првиот акредитиран практичен ИТ-факултет кај нас кој нуди две уникатни додипломски студии за Софтверско инженерство и иновации и UX/UI и графички дизајн.
Преземи го првиот чекор кон успешна кариера и дознај повеќе за нашите програми, методологија на работа, професори и можноста „Студирај сега, плаќај по вработување“.
Местата се ограничени, закажи средба сега!