Во овој блог пост ќе можеш да се запознаеш со Анета Димоска, алумни студент на Академијата за Front-End програмирање на Brainster (Бреинстер) и дел од ИТ-тимот на Brainster Next College (Бреинстер Некст колеџ) и Brainster.
Анета е одговорна, трпелива и трудољубива личност со огромна желба за знаење и напредок, која го совлада предизвикот и докажа дека и без претходни познавања, со многу труд и енергија може да се постигне секоја цел.
Анета во слободно време пишува и стручни блогови, а тука можеш да го погледнеш нејзиниот стручен блог на тема Како програмирањето влијае на работата на мозокот, а крајот ќе ти помогне да го искусиш problem solving in practice. Те чека кратка, забавна загатка, извадок од книгата Think Like a Programmer: An Introduction to Creative Problem Solving, за која ти порачуваме да се ставиш во улогата на вистински problem solver за успешно да ја решиш.
Во продолжение, дознај повеќе за Анета Димоска и како изгледа еден ден во животот на Front-End програмер
Зошто стана Front-End програмер? Што те привлече кај оваа професија?
Пред околу две години се одлучив да направам промена во кариера и да навлезам во светот на програмирање токму преку изучување на Front-End програмирање затоа што сакав да го осознаам процесот на градење на некоја веб-апликација, да видам како функционираат во позадина нештата кои секојдневно ги користиме преку нашите уреди, како се развива еден проект од идеја до реализација и секако да бидам дел од градење на апликации кои ќе го олеснат и поедностават животот на корисниците во некоја сфера.
Кои алатки и софтвери ги користиш во секојдневното работење?
Во рамки на проектите на кои што работам, се користи React.js.
Колку е важна соработката на Front-End програмерот со другите тимови?
Front-End програмерот треба да соработува со членовите од останатите тимови, пред сè со продукт менаџерите, дизајнерите, тестерите затоа што секој од тие тимови е значаен дел од процесот на градење на продуктот. Сите заедно ја прават целината и неопходно е да се воспостави ефективна комуникација за надминување на предизвицте и за надградување и подобрување на самиот продукт.
Раскажи ни како изгледа еден ден во животот на Front-End програмер?
Иако секој работен ден е различен и со различни предизвици, сепак на почетокот на денот одвојувам време за да се информирам повеќе од областа на Front-End програмирање и да дознаам повеќе за актуелните технологии. Потоа го имаме стандардниот daily состанок со тимот, каде што разговараме за текот на работните обврски кои ги имаме поставено, се споделува напредокот, но и проблемите со кои сме се соочиле за да може да најдеме соодветно решение. Остатокот од денот го поминувам на работа на тековните задачи во рамки на проектот.
Како остануваш во тек со најновите технологии и алатки за Front-End програмирање?
Во тимот имаме многу добра практика која ја применуваме на неделно ниво, а тоа е одржување работилници на кои секој од нас има можност да истражи и подготви презентација за одредена тема или технологија која што ни е помалку позната. Ова е многу добар начин за учење нови работи и споделување на знаење кое ни користи на сите во тимот.
Како се справуваш со предизвиците и препреките кои ти се појавуваат за време на твоето работење?
Кога наидувам на некој проблем, прво се обидувам да го решам сама со тоа што ќе истражам повеќе за тој проблем, ќе побарам мислења или решенија на различни форуми и заедници. Користењето на некоја AI алатка исто така ми користи за генерирање на некој нов пристап или идеја која можам да ја применам. Секако дека тука е и поддршката од колегите во тимот кои ми помагаат во надминување на различните предизвици.
Која е тајната за да се стане успешен Front-End програмер?
Успехот во било која сфера, за мене значи да се биде подобра верзија од себе во споредба со тоа што сме биле вчера, минатиот месец или минатата година. Како тоа ќе се постигне е различно за секој, но со дисциплина, упорност и посветеност верувам дека кај секого резултатите се неизбежни.
И за крај, твојот совет за сите идни Front-End програмери?
Идните Front-End програмери би ги советувала да бидат истрајни во тоа што го започнале, да си дадат време за да ги совладаат концептите во Front-End програмирање и најважно да не забораваат на својата причина зошто го започнале целиот овој процес на учење и кариерна трансформација.
Brainster Next College е првиот акредитиран практичен ИТ-факултет кај нас кој нуди две уникатни додипломски студии за Софтверско инженерство и иновации и UX/UI и графички дизајн.
Преземи го првиот чекор кон успешна кариера и дознај повеќе за нашите програми, методологија на работа, професори и како можеш да студираш сега, а да плаќаш по вработувањето.
Местата за двете студиски програми се ограничени, аплицирај сега!