Ако треба да наброиме какво значење има професорот Ивица Пешовски за Brainster и за Brainster Next College, a особено за студентите, ќе ни требаат многу редови… Впрочем, како да се најави иницијаторот на сите tech-иновации кај нас, менторот на многубројни ИТ-професионалци што поминале и се во нашите редови, еден од омилените професори на студентите, професионалецот што секогаш со сите сили се труди пред сѐ, да пренесе знаење.
Како Chief Technology Officer на Brainster, но и како професор на неколку клучни предмети на насоката Софтверско инженерство и иновации на Brainster Next College, Пешовски има клучна улога во развојот на нашето иновативно образование. Да, ова е вистинската најава за него.
Задоволство е секогаш да се слушнат неговите совети поврзани со развојот на tech-индустријата, образованието, како успева да одговори на сите предизвици поврзани со неговата работа, успешно да го води својот тим и притоа никогаш да не престане да вложува во себе и своето образование.
Прочитајте го неговото инспиративно интервју!
Со твојата позиција како тим лидер на tech-тимот во Brainster, но и професор на Brainster Next College постојано си во контакт со млади луѓе кои бараат од тебе да им пренесеш знаење. Како ги како ги подготвуваш за промените што се случуваат во ИТ-индустријата, трендовите како low-code/no-code платформи и AI асистирано програмирање?
Во овој поглед сум малку традиционален и сакам студентите да ги научат фундаментите на софтверското инженерство. Во прва година предавам Структурно програмирање, Објектно ориентирано програмирање и Имплементација на решение, а во трета година Софтверско инженерство. Мојот став е дека доколку студентите го совладаат материјалот што го предавам на овие предмети, тие нема да имаат никакви пречки понатака во својата работа да вклучат разни асистивни технологии, no-code алатки и слично. Напротив, само ќе станат попродуктивни поради нивното користење. Обратното, за жал, не важи. Доколку студентите не ги научат основите, ако не постават здрави темели на нивното знаење, тогаш користењето на разни алатки и на вештачка интелигенција ќе им помогне само ако програмирањето го гледаат како хоби, не како професија.
Твојот тим е составен од 8 вработени, сите доаѓаат од Brainster aкадемиите FrontEnd, Full-Stack, Data Science. Како работиш со нив за од почетници да стигнат до ова ниво на кое се денес?
Прва задача кога дојдов во Brainster ми беше да формирам тим со кој ќе работам. Имав две опции, првата да објавам оглас и да формирам тим преку стандарден процес на интервјуирање, втората да формирам тим од студенти на кои во тој период им предавав. Да бидам искрен, првично решив да интевјуирам, меѓутоа многу брзо, после само 2 интервјуа сфатив дека тоа не е правилниот начин. Проектите што ги почнувавме во тоа време дозволуваа да поминам повеќе време во менторство, поради што одлучив да создадам тим од најдобрите студенти. Тогаш почнав со 6 практиканти од кои тројца продолжија со работен ангажман. Со нив и со студентите кои ни се приклучија подоцна, успеавме да создадеме тимска култура и начин на работа којшто несомнено вродуваат со плод судејќи според трансформацијата на Brainster, што директно ја овозможивме со нашата работа.
Големо влијание на некои од моите одлуки при формирање на тимот имаше работата и сведоштвата на Стив Џобс. Имено, тој почина во периодот кога јас бев на факултет и ја градев сопствената личност. Тогаш излезе во принт неговата биографија, мноштво негови интервјуа и искуства, па нормално влијаеше не само на мене туку на цела генерација што во тоа време влегувавме во светот на технологијата. Во едно интервју тој објаснува дека најбитно за еден менаџер е да креира тим од „само управувчки” индивидуи кои одлично работат во тим. Таквите тимови имаат тенденција да направат сопствена внатрешна култура и строги правила за тоа кој може да им се приклучи. Сметам дека денеска имам таков тим. Исклучително паметни луѓе кои одлично се вклопуваат карактерно еден со друг и тим од луѓе што од студенти прераснаа во вистински професионалци. Мојата одговорност е сега уште поголема, бидејќи не можам многу да им помогнам со менторство околу едноставни работи како што беше тоа случај на почетокот. Сега треба да им пренесам визија која заедно ќе ја направиме реалност, што пак е сосема различно искуство и предизвик за мене.
Како всушност Innovation тим ја подобрува работата на факултетот и на Академиите?
Innovation тимот имаше за цел да ја овозможи дигиталната трансформација на академиите и изминатите години успеа во тоа. Софтверот што го развиваме, им овозможува на студентите да следат настава, меѓутоа уште повеќе овозможува ефективна работа на голем дел од тимовите во Brainster. Најдобар доказ за тоа колку битна платформа е Brainster Learn за целата наша работа е кога на почетокот на март без претходно известување, ја исклучивме на 10 минути поради редовно одржување и апдејтирање, за во неколку минути да добиеме над 10 мејлови од наши колеги дека платформата не работи.
Дополнително, ако во Brainster требаше да овозможиме дигитална трансформација, на Brainster Next колеџот целта не беше трансформација, туку дигитална формација. Имено, IamNext платформата што ја изградивме за потребите на колеџот овозможи уште од првиот работен ден студентите и професорите да имаат платформа преку која ќе ги организираат часовите, ќе споделуваат материјали и ќе се следи напредокот на студентите. Понатаму додадовме повеќе улоги и функционалности, па сега, на платформата се спроведуваат тестирања, се прават анкети на студентите, се полнат студентски портфолија, се забележуваат оценки и многу други работи. Идејата беше и остана Brainster Next да биде paperless колеџ во рамки на дозволеното (одредена документација мора сè уште да се чува во печатена форма поради законски регулативи).
Имаме тимска култура редовно да ги следиме трендовите во ИТ-индустријата, да одвојуваме време да научиме нови алатки и технологии, нив да си ги презентираме меѓусебно и да дискутираме околу можностите што истите ги отвораат за софтверот што ние го развиваме. Минатава година на ваков начин додадовме неколку нови технологии во нашето портфолио на технологии со кои што работиме. Ваквата работна култура ни овозможува да бидеме во тек со трендовите и случувањата во ИТ-индустријата и со тоа директно да придонесеме и на програмски подобрувања на академиите и на колеџот. Така, академиите за програмирање во изминативе години претрпија неколку промени поттикнати од работата, искуството и проактивноста на мојот тим, резултирајки со отстранување на модули како JQuery, сведување на минимум модули како Bootstrap, а за сметка на тоа вклучување нови модули за современи технологии како Next.js и SASS. На Brainster Next College, одлуки како кои предмети се надополнуваат и зависат едни од други, што треба да опфаќаат, колку да траат и слично, исто така се носат преку консултации со тимот за иновации.
Како поддржуваш lifelong учење и професионален развој кај твоите студенти, но и кај твојот тим?
Се запишав на факултет во 2010 година и еве, 14 години подицна сè уште сум на еден или друг начин студент. Откако дипломирав и магистрирав софтверско инженерсво, запишав докторски студии од областа на компјутерски науки, а од минатата година и дополнително уште едни магистерски студии за бизнис и менаџмент. Иако доживотно учење не подразбира формална едукација како мојот случај, сметам дека со мојот пример успевам да ги инспирирам луѓето околу мене да вложуваат во сопственото знаење и напредување.
Која е областа на истражувања на твоите докторски студии?
Дoкторските студии ми се на насока компјутерски науки и инженерство. Ги почнав во 2021 година од три причини. Првата беше да можам проектите на коишто работиме како тим и функционалностите што ги имплементираме да ги поткрепам научно и со актуелно знаење од академската фела на глобално ниво. Втората причина беше, наодите и сознанијата до кои доаѓам јас со својата работа да ги споделам со светот и со тоа да придонесам на научната заедница. Третата причина беше да се квалификувам за професор на Brainster Next College, што во тој момент го подготвувавме.
Така, истражувањето во првата година студии ми беше од областа на дигитализација на образованието и како тоа влијае на успехот и задоволството на студентите. За ова црпев информации од искуствата на студентите на нашите академии. Меѓутоа, во октомври 2022, точно една година откако ги почнав студиите беше објавен ChatGPТ, првата јавно достапна алатка со генеративни способности односно алатка која што користи генеративна вештачка интелигенција. По неколкудневно користење на истата бев сигурен дека едукацијата ќе претрпи сериозни промени како резултат на развојот на овој тип на вештачка интелигенција и со мојот ментор договоривме да го смениме текот на моите докторски студии. Оттогаш мојата насока на истражување е тоа како генеративната вештачка интелигенција може да се користи во едукативни цели. Оваа тема е тековно многу актуелна на светско ниво, е навистина интересна за истражување и чувствувам дека мојата работа има можност да го подобри процесот на учење не само на студентите на Brainster Next College и Brainster, туку на студентите секаде во светот. Во таа насока, пред неколку месеци публикувавме труд за тоа како вештачката интелигенција може да се користи за генерирање на материјали за учење во различни стилови, вклучувајќи и такви инспирирани од ликови од поп-културата, со цел да се задржи вниманието на студентите и да се персонализира нивното искуство. Верувам дека образованието во наредните години ќе се промени токму кон поголема персонализција и одговарање на потребите на секој еден поединец, наспроти сегашната поставеност каде сите студенти следат иста настава, со исто темпо, во исто време, независно од нивните потреби и предизвици со кои се соочуваат.
Водиш тим, паралелно предаваш на Brainster Next, завршуваш со твоите докторски студии и во моментов си запишан на MBA студии. За што немаш време, а би сакал да имаш?
Еден од советите што им го давам на студентите на прв академски час е дека студирањето на било кој начин, дали е тоа формално, неформално, високо, средно или какво било образование, бара жртва. Денот има 24 часа, тоа не може да се промени и во тие 24 часа треба паметно да избереме за кои активности ќе одвоиме време. Јас образовениот процес го гледам баш како таков – процес кој образува и оформува една личност и директно влијае на квалитот на животот на истиот во иднина. Овој процес, без разлика дали е во формална или неформална средина, во голема мера зависи од самиот поединец. Во мојот случај одлучив да паузирам со 3 хобија дури не ги комплетирам започнатите студии, за во иднина да имам уште повеќе време за истите од што имав претходно. До пред две години, викендите редовно ги поминував на планина со планинарско друштво од кое уште сум дел, но последниве две години речиси сите викенди ми се поминати пред компјутер. Второто хоби е гитарата која рекреативно ја свирев меѓутоа со сите овие обврски морав да го запоставам. Третото хоби што стагнира во практика е правењето на домашно пиво (homebrew). Сепак, теоретски работам на него и имам цел фолдер со рецепти кои ќе ги испробам во прва погодна прилика.
Хобијата и навиките што ми останаа се вежбање и возење мотор, двете со огромна улога, едното задолжено за моето физичко, а другото за моето псхичко здравје. Свесен сум дека морав да се откажам од некои нешта за да ги остварам зацртаните цели и не жалам поради тоа, напротив уште повеќе го зацврстив својот карактер во текот на овој процес.
Кои emerging технологии и јазици мислиш дека ќе имаат значителен импакт врз иднината на програмирањето? Дали ги интегрираш во твоите предавања и секако во секојдневната работа?
Ова прашање е многу битно да се одговори објективно. Низ годините, како што се развиваше мојата експертиза, како и онаа на моите колеги и пријатели, убедени бевме дека одредени технологии ќе доминираат поради тоа што ние самите во одреден момент сме ги откриле и сме ги виделе придобивките од нив. Речиси секој пат погрешивме.
Ако погледнеме на пазарот на труд, растот на онлајн заедниците зад одредени технологии, како и нивната академска застапеност, реалноста е дека во последните години доминираат мулти-дисциплинарни технологии и програмски јазици. Самите програмски јазици еволуираат во јазици за широка намена, во споредба со минатото кога јазиците беа специјализирани за одредена цел.
Така на пример денес го имаме Python, јазик којшто може да се користи за развој на embedded системи, за веб-апликации, податочна наука, вештачка интелигенција, “you name it”. JavaScript од јазик за интеракција во пребарувач прерасна во јазик којшто може да се користи во целосниот развоен циклус, но и за развој на мобилни апликации преку React Native, за развој на десктоп-апликации преку Electron и развој на игри преку бројни библиотеки. Rust се користи за развој на ембедирани програми, веб-апликации, игри, па дури и оперативни системи. PHP, C#, Java сите се јазици за општа намена кои наоѓаат примена во најразлични средини и за најразлични цели.
Во рамки на моите предавања се трудам на студентите да им ги објаснам концептите што ги предавам, а програмскиот јазик којшто го користиме да го претставам само како алатка за исполнување на тие концепти. Ако го разберат проблемот, а веќе го имаат совладано материјалот, лесно ќе го напишат решението во кој било програмски јазик и без разлика каков е проблемот.
Доколку пак погледнам пошироко, не само во однос на програмските јазици, сметам дека има две технологии што може драстично да го сменат текот на нашата професија. Првиот, секако е вештачката интелигенција. Доколку стигнеме до генерална вештачка интелигеција (AGI), којашто подразбира систем што решава когнитивни задачи на ниво или подобро од нивото на човекот, без мануелна интервенција, тоа несоменено ќе се одрази на плејада на професии, вклучувајќи го и програмирањето.
Технологија што пак, најголем ефект би имала на софтверското инженерство е квантното процесирање (quantum computing). Квантни компјутери се произведуваат веќе неколку години, меѓутоа со многу малку квантни битови и во експериментални цели. Доколку оваа технологија успешно скалира, ќе ги афектира сите гранки на компјутерските науки што се развија во изминатите 80 години. Со сè друго можеме лесно да се справиме.
Што би бил генерално, твој совет за сите индивидуалци што денес сакаат да влезат во tech?
Better sooner than later. На минатогодишниот отворен ден на факултетот, баш зборував на оваа тема и со присутните дојдовме до математички заклучок дека ако продолжи трендот на развој на технологијата, до 2040 година на светот ќе има 1 милијарда луѓе што на некој начин ќе програмираат. Ова значи дека секој осми човек на светот ќе поседува некој вид на вештини за работа со софтвер.
Со најновите трендови во развојот на вештачката интелигенција никој со сигурност не може да каже кои ќе бидат овие вештини во 2040 година, меѓутоа со сигурност знам дека оние што ќе почнат денес ќе имаат компетитивна предност пред оние што ќе почнат за неколку години, а секако и поголемо искуство.
Поради тоа, за мене одлуката на кој било млад човек да совлада каква било дигитална вештина, имајќи ги предвид предвидувања за не толку далечната иднина, се сосема логични и разумни и ги охрабрувам.