Теона Станојевиќ ни доаѓа од Скопје и таа е една од студентите што се запишаа на Brainster Next College во првиот уписен рок. Одлуката да студира на студиската програма UX/UI и графички дизајн всушност ја донела поради интересот за оваа област кој ѝ се развил поради одличното искуство на Академијата за графички дизјан која сѐ уште ја посетува во Brainster.
Теона средното образование го завршила во средното училиште „Јосип Броз Тито“ и вели дека за жал нема премногу сеќавања од овој период бидејќи поминале две години во каранин.
Запознајте ја Теона и прочитајте ги нејзините планови за градењето на карира во една од најинтересните области – UX/UI и графички дизајн.
Теона, како ја замислуваш иднината на едукацијата, кои промени сакаш да ги видиш во нашиот традиционален едукативен систем?
– Би сакала да видам поголем фокус на развој на креативност, критичко мислење, комуникациски вештини и примена на знаењата во пракса.
Ти си ни веќе студентка на Академијата за графички дизајн на Brainster. Како се одлучи да ја истражуваш оваа област?
– Претходно учев на Економски факултет, но се откажав бидејќи таму не се пронајдов. Уште од мала ме интересираше дизајнот. Конкретно за облека, но за жал или за среќа не тргнав во тој правец. Мислев дека економски ќе е правиот избор за мене бидејќи бев заинтересирана за отварање на сопствен бизнис во иднина, ама не се пронајдов таму. Моја пријателка ме запозна со оваа област и за прв пат во животот нешто ме заинтересира.
Претпоставувам дека Академијата и искуството таму имаше влијание за одлуката да продолжиш со студии на Brainster Next College и светот на UX/UI или графичкиот дизајн?
– Секако дека имаше, посветеноста која ја осетив од страна на менторите и организираноста на целиот тим и целото искуство ми беше многу пријатно. Практичното учење со реални клиенти ми даде голема мотивација за напредок. Како и да, е бев сигурна дека ќе продолжам во областа на графички дизајн и мислам дека ја донесов најдобрата одлука да се запишам на Brainster Next College.
Ако треба на некој што не знае ништо за ова да му објасниш што е UX/UI, што би му кажала?
– UI или кориснички интерфејс е изгледот на некоја апликација копчињата, иконите и други визуелни елементи со кои имаме интеракција. UX или корисничко искуство е целата интеракција со апликацијата и како корисникот се чуствува додека ја користи.
Кои се твоите долгорочни цели во кариерата во областа на UX/UI дизајн или графички дизајн?
– Како за почеток цел ми е да имам флексибилна работа која ќе ми овозможи да работам од каде сакам. Мојата најголема амбиција е да основам сопствена агенција за дизајн, и да можам да се фокусирам на креативни и практични решенија за нашите клиенти.
Кои се некои од твоите дизајнерски херои или проекти кои ја инспирираат твојата креативна визија?
– Немам специфично кој да истакнам, но следам многу дизајнерски профили на инстаграм од областа на UI/UX и графички дизајн.
Како црпиш инспирација, што правиш кога си во некаква фаза кога не ти оди со креативноста?
– Инспирацијата најмногу ја црпам од социјалните мрежи и посветувам неколку часови во денот каде што гледам само дизајнерски постови. Кога ќе заглавам, пред сѐ според мене најбитно е кафе пауза. Секако, тука е и танцот кој е мојата прва љубов. Музиката и физичката активност ми помага да се опуштам.
Дали имаш некои методи и техники кои ти се најефективни во помнење на информации и подготовка за тестирање или испрашување?
– Немам некој специфичен метод, како запишување на белешки или нешто слично, само се трудам да слушам внимателно на час и да го применувам тоа во слободно време.
Која е твојата пасија надвор од учењето и дизајнот? Каков ангажман обично ти помага да се опуштиш, или едноставно ти помага да можеш успешно да функционираш со секојдневните обврски?
– Мојата најголема пасија е патувањето и кампувањето со моите најблиски. Дружбата со моите пријатели е нешто што не го пропуштам во денот. Тоа ме опушта и ме мотивира да ги завршам секојдневните обврски.