Во денешниот динамичен пазар на труд, стекнувањето практично искуство за време на студиите е клучно за идниот успех. ТАРГЕТ ГРУП, како една од водечките компании во својата област, ова лето одлучи да земе дури 8 практиканти од студиската програма по Софтверско инженерство и иновации на Brainster Next College.
Инаку, ТАРГЕТ ГРУП е првата бонитетна агенција во земјава, воедно и лидер за бонитетни информации потребни на компаниите при носење на секојдневни бизнис одлуки. Тие располагаат со повеќе од 2000 клиенти во државава и во странство.
Тие ни открија дека голем дел од нивните вработени претходно биле практиканти. Ова, покажува дека студентската пракса е одличен начин да се покажат вештините и знаењето и да се дојде до добро работно место. Затоа, еден од нашите приоритети како образовна институција ни е да обезбедиме пракса за нашите студенти.
На каков интересен и вреден проект ќе работат нашите студенти летово и кои се мотивите за поддршка на младите со практиканстки програми, дознавме од Огнен Огненоски, основач и генерален директор на БизнисМрежа.мк и ТАРГЕТ ГРУП.
Повеќе за оваа соработка прочитајте во интервјуто со Огнен.
Кои се вашите очекувања од студентите?
Очекуваме студентите да покажат силна работна етика, адаптибилност и проактивен пристап кон нивните задачи и одговорности. Тие треба да бидат отворени за учење на нови работи, да поставуваат прашања и позитивно да реагираат на feedback-от од наша страна со цел да ги подобрат своите вештини и разбирање за индустријата.
Преземајќи иницијатива и соработувајќи со нашиот тим, се надеваме дека студентите позитивно ќе придонесат за културата на нашата компанија, притоа стекнувајќи вредни сознанија и искуство во нивната избрана област.
Какви вештини и квалитети најмногу ги цените кај вашите вработени. Што мислите дека е најважно за нивниот успех и развојот во компанијата?
Во нашата компанија ги цениме вработените со техничка компетентност, способност за самостојно решавање на проблеми и ефективни комуникациски вештини. Способноста за работа во тим, проактивноста, иницијативноста и доброто управување со времето се суштински особини кои ги бараме и на кои работиме со нашите вработени. Акцент секако ставаме и на желбата за континуирано учење и доедукација.
За успех и развој на нашите вработени, ние обезбедуваме програми за обука, работиме на континуиран професионален развој и поттикнуваме нивен раст преку предизвикувачки задачи и работни обврски.
ТАРГЕТ ГРУП како компанија поседува инклузивна култура која ја прифаќа различноста, обезбедува јасна комуникација на очекувањата и постојано ги признава и наградува достигнувањата. Ваквиот пристап сметаме дека поддржува континуирано подобрување и им помага на вработените да го достигнат својот целосен потенцијал.
Како изгледа типичен ден на еден практикант во ТАРГЕТ ГРУП?
Практикантите во нашата компанија го започнуваат денот со тимски состанок со цел да се усогласиме околу работните задачи, приоритетите и да ги продискутираме прашањата што ги имаат.
Практикантите потоа пристапуваат кон работа, која може да вклучува истражување, анализа, обработка на податоци и сл. во зависност од нивната улога. Соработката е клучна и затоа практикантите често работат заедно со нивните ментори и членови на тимот, учествуваат на brainstrorming сесии и присуствуваат на состаноци за да разговараат за напредокот на проектот на кој работат. Исто така, фокус ставаме и на давањето на feedback кој им помага на практикантите да се подобрат и да останат на вистинскиот пат. Ваквата организација на работниот ден овозможува практикантите да стекнат практично искуство, да се развиваат професионално и да придонесуваат за успех на проектите на кои работат.
За поздравување е тоа што како компанија нудите практикантски програми и одвојувате и време и ресурси да се посветите на студенти. Што ве мотивира да го правите ова и кои се предизвиците со кои се соочувате при организација на програмите за пракса?
Ние нудиме програми за практикантска работа бидејќи тоа е одличен начин да инвестираме во младите и да ја негуваме следната генерација таленти, а воедно и да добиеме свежи, нови перспективи кои поттикнуваат иновации. Интересен факт за ТАРГЕТ ГРУП е тоа што голем дел од моменталните вработени се луѓе кои што првично биле на пракса кај нас.
Во однос на предизвиците со кои се соочуваме при организација на програмите за пракса, целиот процес подразбира значајна работа, обезбедување соодветни ментори, креирање на програми за работа и секако ефикасно управување со времето. Ги надминуваме со добра организација, меѓусебна координација, доделување посветени ментори и планирање на обемот на работа однапред.
Co цел да обезбедиме квалитетно искуство за нашите практиканти, ние како компанија нудиме квалитетен onboarding процес, обезбедуваме редовни сесии на практикантите со нивните ментори и бараме повратни информации од практикантите за тоа какви се нивните впечатоци и искуства во насока да знаеме каде може да се подобриме.
На што ќе работат нашите студенти во ТАРГЕТ ГРУП?
Студентите што ќе имаат возбудлива можност да работат на пионерски проект во нашата индустрија. Овој проект претставува значаен чекор напред во нашата област и им нуди на практикантите шанса да придонесат за создавање на нешто навистина иновативно и значајно.