Петар Ниновски, основачот на првиот практичен ИТ-факултет, Brainster Next College и на Brainster, лидерската компанија по број на вработени студенти, верува дека треба да се објави војна против инкрементализмот во високото образование:
„На формалното образование му се потребни храбри чекори, а не мали подобрувања. Факултетите треба да покажат дрскост и смелост. Ако факултетите сакаат да понудат образование што ќе ги подготви студентите за тоа што ги чека во иднината, тие треба да преземат радикални чекори. На факултетите ќе им се случи Brainster Next“, вели Ниновски.

Решителни промени во образованието
Во време на постојани и глобални промени во технолошката индустрија, прашањето за трансформација на формалното образование продолжува да „виси“ во некоја неизвесна зона. Некои неформални едукативни центри во светот веќе одамна размислуваат како да го револуционизираат образованието. Државните и приватните факултети, заглавени со својот скептицизам за промени, сѐ уште се обидуваат да најдат начини да останат во тек, задржувајќи го традиционалниот начин на едуцирање.
Традиционалистите, можеби ќе се обидат да зачуваат некои заостанати форми на едукација, вооружувајќи се со термини како „зачувување на вредности”. Но, со тоа, очајно се обидуваат да задржат модел којшто повеќе не функционира во денешно време. Ако сите, како современи граѓани од работната сила, користиме паметни телефони, софтвери и различни дигитални алатки, тогаш што е тоа што нѐ спречува да го модернизираме и самото образование?
„На формалното образование му е потребно радикалност, не инкрементални подобрувања. Можеби државните и приватните факултети сметаат дека е „најекономично“ да не се преземе ништо или да се движат со мали чекори, од страв да не се направи грешка. Но, токму ваквото размислување е најголемата грешка! Со инкрементални подобрувања во високото образование можеби нема да се погреши многу, ама нема ни да се преживее. Несомнено е дека најризично за државните и приватните факултети е да не преземат драстични чекори“, вели Ниновски.

Brainster Next College – иднината на образованието
Образовните институции имаат должност кон студентите. Време е да започнат со прилагодување на напредните млади таленти. Освен теориско учење, потребно е факултетите со помош на практични методи да едуцираат и да подготвуваат способни индивидуи што ќе бидат спремни за придонесување кон заедницата.
Brainster Next College е прво применето високо образование во Македонија, пандан на северноевропските универзитети за применeти науки. Нашите дипломци се стекнуваат со титула Bachelor со 180 ЕКТС, исто како и останатите факултети во земјата.
Тогаш, во што е разликата? Brainster Next College го модернизира и радикализира образованието во регионот, ставајќи фокус на практичните вештини на студентите. Тука теоријата опфаќа околу 20% од предметите. Александар Клашниновски, генерален менаџер на факултетот го потенцира фокусот на праксата на часовите, за разлика од теориското учење кое е во центарот на другите универзитети.
„На Brainster Next College, предметите се учат практично, а теоријата се изучува во контекст на праксата. Студентите учат како да кодираат и да дизајнираат на самите часови, предводени од експерти и професионалци. На крајот, тие се оценeти врз основа на нивното практично знаење со изработка на практични проекти. Секој пролетен семестар, финалниот предмет од годината е заснован на реален проект за некоја од нашите партнерски компании. Целта на овој реален проект е сумирање и практична имплементација на знаењата стекнати од практичното и теориското полагање на сите предмети од тековната година и нивна примена во реална средина, во каква што ќе се најдат студентите по нивното дипломирање и вработување“, вели Клашниновски.
Во текот на студирањето, за студентите организираме хакатони на кои во соработка со колеги од други области (дизајнери, програмери, маркетери, софтвер тестери, дата аналитичари) креираат концепт-решение со ограничена функционалност. Целта на овие „спринтови“, како што ги нарекува Клашниновски, е симулација на реална работа средина и изложување на предизивиците на кои ќе наидат студентите во работните средини.

Како ниту еден факултет во Македонија, Brainster Next College ги подготвува своите студенти за вработување во текот на студирањето и ги соочува со предизвиците во работната култура. За студентите следува двомесечна пракса за време на летниот распуст.
„Единствени сме што имаат предмети од индустрија. Тоа значи дека курикулумот за тој предмет го креира компанијата чии вработени го предаваат тој предмет под менторство на нашите професори. Курикулумот соодветствува на технологиите и принципите што ги користи компанијата во своето работење и на тој начин креира програма која ги учи и оценува студентите врз основа на нивните потреби и потребното знаење кое се очекува да го има вработен во таа компанија“, објаснува Клашниновски.
На постоечкото образование му следи трансформација
Децениски долгиот систем на образование мора да подложи на огромна промена. Промена која е диктирана со лесниот и брз пристап на интернетот, вештачката интелигенција и дигиталните алатки кои веќе одамна се применуваат во слободните пазари.
Малите измени нема да помогнат во поголемата слика на проблемот образование. На постоечкото образование му следи трансформација. Прашање на време е кога или на кој начин ќе се изведе промената. Одолжувањето не помага. Стравот од иновација и стравот од донесување радикални одлуки во образовниот систем им одмога на младите таленти кои често немаат друг избор, освен да се иселат од државата.