Повеќе од 11.500 студенти, две акредитирани програми на првиот практичен ИТ-факултет Brainster Next College (Бреинстер Некст колеџ), отворање претставништво во Албанија и раст од речиси 100% во последните две години, се само дел од успесите со кои едукативно-технолошката компанија Brainster (Бреинстер) го прославува својот осми роденден.
Организацијата, која почна како стартап, денеска е во друштвото на најдобрите 0,7% компании во Македонија. Имено, врз основа на вкупната нето-добивка за 2022 година, се вбројува меѓу топ-500 најуспешни фирми во земјава.
По повод осмиот роденден на Бреинстер разговараме со основачот Петар Ниновски, кој вели дека најголемо мерило за успех е задоволството и успехот на студентите, како и бројот на вработувања. На ова се надоврзува и податокот дека има 734 вработени студенти само во изминатите две и пол години.
По осум години успех на домашниот пазар, Бреинстер се прошири и во Албанија, каде што првично ја нудите Академијата за Front-End програмирање? Како производ што го извезувате, дали во него целосно го пресликавте домашниот модел?
Бреинстер пред осум години креира систем кој сè уште функционира: учење преку работа на реални проекти, сектор Student Success кој се грижи за прогресот и задоволството на студентите, кариерна поддршка преку тимот на „Партнерства“, експертизата на вработените, инструкторите и професорите, користење напредни технологии за поддршка при студирањето, искусен менаџмент-тим и борд на директори кој посветено работи на политиките на човечки ресурси кои го поддржуваат растот, развојот и задоволството на вработените. Сето ова ни дава солидна појдовна точка за дејствување на пазарот за ИТ- едукација во Албанија.
При истражувањето што го спроведовме со цел да го идентификуваме вториот дом на Бреинстер, Албанија се истакна како соодветен избор од неколку причини, како на пример, големиот број млади луѓе во целокупната популација, динамиката на развој на тамошната ИТ- индустрија и заложбата на државата за нејзина поддршка, како и недостигот на понуда која ќе ја следи побарувачката на ИТ- индустријата за соодветно обучени кадри.
Стартуваме фокусирано со еден производ – Академија за фронт енд (Front-End), поради атрактивноста и многубројните придобивки што ги нуди професијата фронт енд-програмер. Во зависност од потребите на пазарот, во план ни е да лансираме и други академии.
За да се погрижиме дека нашето присуство во Албанија ќе ги донесе посакуваните резултати, вработивме локален административен и инструкторски тим, склучивме договори за соработка со локални ИТ-компании и го назначивме нашиот досегашен маркетинг директор Стефан Смиљаноски за извршен директор на Бреинстер Албанија.
Покрај ширењето на нов пазар, постојано работите на иновирање и на програмите што ги нудите преку Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот. Кoи се последните новитети и што како вредност им нудите на студентите?
Стандардот по кој ги изработуваме нашите академски програми претставува збир од методологии и насоки согласно кои овозможуваме во континуитет да ги задоволуваат барањата на нашите студенти како и светските стандарди за креирање едукативни програми. Токму на таа основа успеваме да креираме искуство на учење и надградување кое пред сѐ им служи на нашите студенти, а потоа и на нашето општество, заедницата и индустријата. Следејќи ги докажаните светски стандарди за креирање едукативни програми црпиме инспирација за креирање процес на учење кој се занимава со технолошките, педагошките и социо-културните аспекти на образованието. Така создаваме образовна средина која е насочена кон студентот и во која секоја интеракција се вреднува еднакво: студент со студент, студент со содржина за учење, студент со инструктор и обратно.
Поголем новитет кој го одбележа почетокот на оваа година е Академијата за лидерство и менаџмент, која е наменета за една поинаква група на професионалци – менаџери, претприемачи, сениори и искусни професионалци кои сакаат да се унапредат во лидери или да создадат своја компанија и е мешавина од меки и тврди вештини кои секој лидер е неопходно да ги поседува. Оваа академија ја води тим од реномирани инструктори од кај нас и од странство со долгогодишна експертиза и се одлични ментори.
На Бреинстер Некст колеџот ја добивме акредитацијата и за втората студиска програма, UX/UI и графички дизајн. За програмата на Софтверско инженерство и иновации пак, креиравме курс по висок стандард на квалитет, Математика во Пајтон (Python), каде што нашите идни студенти може да истражат и научат еден нов пристап на решавање математички проблеми користејќи програмски јазик. Курсот е поставен на нашата бесплатна платформа за кратки и интерактивни курсеви.
Годинава се зголеми нашиот тим од инструктори и професори, сега веќе стигнавме до над 150. Заедно со нив и нашите специјалисти за развивање едукативни програми, континуирано работиме на подобрување на квалитетот на програмите и пристапот и методологијата на едукација во Бреинстер за едно поинакво и подобро искуство на учење кое ги става студентите и нивниот успех во центарот на целиот процес.
Помина една година во која може да се сумираат резултатите од работата на Бреинстер Некст колеџот, односно на полето на формалното образование. Што Ве научи ова искуство?
Првата година од Бреинстер Некст колеџот беше уникатно искуство за нашата организација бидејќи како што и напоменувате, го означи нашиот влез во формалното образование. Причината поради која го основавме колеџот беше да ја воведеме практичната методологија на учење која се покажува како многу успешна на нашите академии, меѓутоа таа не е докажана само во рамките на нашата организација, туку и на национално ниво, во средното стручно образование преку дуалното образование, а на интернационално ниво е одамна докажана во високото образование особено во Германија и во другите држави во Северна Европа преку т.н. Universities of Applied Sciences и Fachhochschules.
Ние сме први во нашата држава што формиравме практичен факултет во делот на ИТ- науките и сме единствени во целиот регион на Југоисточна Европа што нудиме модел „Студирај сега, плаќај по вработување“. Студентите плаќаат 0 денари за нивното образование кај нас сè додека не дипломираат или се вработат, кога почнуваат да ја исплаќаат школарината на 36 рати, без камата. Ова во принцип им овозможува целата школарина да ја исплаќаат од платата по првото вработување, кое ќе им го овозможиме ние како институција на сите што успешно ќе ги завршат студиите кај нас.
Минатата година започнавме со студиската насока Софтверско инженерство и иновации, при што успеавме да запишеме 46 студенти во првата генерација, а чест ни е и официјално да објавиме дека добивме актредитација од МОН и за втората студиска насока – Примена на информациска технологии – дигитален дизајн и интерактивни технологии, која е единствена додипломска студиска програма во Македонија што ги покрива графичкиот дизајн и UX/UI дизајнот.
Многу работи нѐ издвојуваат од другите високообразовни институции во државата, без разлика дали се приватни или државни, како на пример фокус на праксата. Во срцевината на Бреинстер Некст колеџ се праксата и реалните проекти. Потоа, и наставниот кадар кој е комбинација од најдоброто од академскиот свет и ИТ- индустријата, односно сите имаат практично искуство во индустријата. Потоа, нашата методологија на учење е базирана на работа во мали групи и индивидуален и менторски пристап и имаме Student Success тим наместо класична студентска администрација.
Подготвени сме да го споделиме целокупното наше искуство со државните и приватните универзитети во државава и во странство, нормално, се надеваме дека истото би го направиле и тие, со цел понатамошно унапредување на високото образование во делот на ИТ и знаењето на сегашните и идните македонски студенти.
Може ли преку потребите на студентите и на компаниите да ја опишете трансформацијата на програмите во изминатите осум години. Кои категории студенти преовладуваат, оние што од почеток се одлучиле да студираат ИТ или други дигитални вештини, оние на кои им е потребна доквалификација или оние на кои им е потребна преквалификација?
Првата година од основањето на Бреинстер ја завршивме со 205 запишани студенти, а осмата со повеќе од 11.500! Иако имаме портфолио од 13 едукативни програми, идните студенти најчесто се одлучуваат за професиите од сферата на програмирање, дигитален маркетинг и софтверско тестирање, токму поради зголемената побарувачка на таков кадар.
Студентите генерално се мотивирани индивидуи што сакаат да направат кариерна трансформација и да влезат во ИТ-секторот, наспроти потрадиционалните професии, или сакаат да ги усовршат своите вештини за кариерен напредок во компаниите каде што работат. Нивните профили се многу разновидни. На академиите може да сретнете студенти со различни позадини, а кога сите ќе ги споиш во една академска група, се создава и peer-to-peer учење со неисцрпно и корисно знаење од различни дисциплини: сервисна индустрија, финансии и економија, фотографи, архитекти, педагози, претприемачи, сегашни и алумни-студенти од технички факултети, креативци и уметници.
Од друга страна, компаниите ни ја даваат довербата и веруваат во квалитетот што го нуди Бреинстер преку многубројните соработки (150+) од локални и интернационални партнери кои се вклучени во целиот тој процес преку два главни канали на соработка, кои воедно се и едни од вредностите што нѐ издвојуваат од другите: (1) работа на реални проекти и хакатони и (2) вработување студенти што завршиле во Бреинстер преку нашата програма за препорачување таленти. Имаме компании кои веќе неколку години по ред вработуваат наши студенти како Pabau, Scandiweb, TestDevLabs, Piksel, SoPro, DEPT, Crazy Labs, ATIS, ItLabs. Некои од нив веќе имаат над 10 вработени наши студенти, што покажува дека имаме конзистентен квалитетен кадар кој излегува од академиите.
Зад привлечноста на програмите и академиите на Бреинстер стои тим од над 150 професионалци. Како се селектираат кадрите во Бреинстер и како успевате да ги синхронизирате потребите на тековните трендови во образованието со соодветни професионалци во конкретните области?
Во Бреинстер процесот на селекција на кадар е сеопфатна евалуација која зема предвид комбинација од повеќе индикатори. Главниот акцент е секогаш ставен на клучните професионални компетенции на нашите инструктори и професори, но исто така од огромно значење се и меките вештини како комуникација, аналитички способности, адаптибилност, работна етика, тимска работа и слично.
Процесот на селекција на инструктори и професори се состои од две фази. Во првата фаза се запознаваме со селектираните кандидати, каде што целта е да се оценат меките вештини како комуникација, мотивација, однесување и став кон работата, дали си одговараме од аспект на работна култура и етика и сл. Кандидатите што поминуваат во втора фаза, имаат задача да изведат мини-симулација на час во форма на предавање. Интерно имаме формирано тим кој присуствува на тие предавања и заеднички вршиме евалуација на предавањето. Во оваа фаза ги оценуваме вештините поврзани со пренесување знаење како презентациски способности, интеракција, примена на наставен пристап, learning outcomes и сл. По завршување на овој процес, тимот заеднички носи одлука во врска со потенцијалниот предавач.
Со следење на овој процес, кој постојано го подобруваме, имаме креирано тим од врвни предавачи од земјава и странство кои секојдневно носат огромна вредност за тимот и нашите студенти. Преку постојана комуникација и соработка со нив, работиме на подобрување на нашите програми и методи на настава, обезбедуваме квалитетно образование и кадри што се конкурентни на пазарот.
Бреинстер неодамна им се приклучи на ТОП-500 најуспешни компании во Македонија. Што значи рангирањето во ова друштво?
Да бидам искрен, ова за мене нема големо значење. Никогаш не било индикатор кој го мериме на квартално ниту на годишно ниво. Индикатори како задоволството на студентите, успехот на студентите, бројот на вработени студенти, репутацијата на Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот и квалитетот на програмите и инструкторите ги мериме редовно и постојано ги подобруваме. Како нус-производ на многу години фокусирано работење на најважните индикатори (ние ги нарекуваме Success Factors) влегуваме во друштвото на најдобрите 0,7% компании во Македонија.
Имате ли конкуренција во Македонија во сферата во која дејствувате? Што е она што Бреинстер го издвојува од конкуренцијата?
Да, секако дека имаме конкуренција во Македонија. Сепак, Бреинстер цврсто се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години.
Забележавме дека голем дел од нашата конкуренција има тенденција да биде во дефанзива, често имитирајќи ги најдобрите практики и стандарди што ние ги воспоставуваме. Иако оваа стратегија може да им донесе краткорочни придобивки, ние веруваме дека не е одржлива на долг рок, бидејќи иновациите се во сржта на долгорочниот раст. Со копирање, тие пропуштаат да создадат оригинални решенија кои ги поддржуваат идните потреби на пазарот, а пак студентите и партнерите ја препознаваат и ја вреднуваат автентичноста.
Спротивно на тоа, ние во Бреинстер секогаш гледаме напред, предвидувајќи ги потребите на пазарот и поставуваме трендови наместо само да ги следиме. Токму овој напреден пристап е тоа што навистина нè издвојува и го обезбедува нашето континуирано лидерство во индустријата.
Другите разлики помеѓу нас и останатите се: уникатниот спој на формално и неформално образование, тимот „Партнерства“ кој им обезбедува на нашите студенти од академиите и факултетот учење преку работа на реални проекти и поддршка при вработување во домашни и интернационални компании, сектор Student Success кој се грижи за прогресот и уникатниот тим за иновации.
Сите овие работи што ги набројав носат резултати – станавме #1 Oбразовен центар во Македонија за 2021, 2022 и тековната 2023 според студентите; #1 според запишани студенти со запишани 1350 студенти во 2022 и очекувани 1650 студенти во 2023; #1 во вработени студенти, со 180 вработени студенти во последните 6 месеци и #1 во изработени реални проекти за партнери, со 63 реални проекти, 10 онлајн хакатони и два хакатони во живо.
Бреинстер е предводник и со тоа што нашите академии се единствените што се сертифицирани од акредитирана високообразовна институција – Бреинстер Некст колеџ.
Кои се идните планови за развој на организацијата и како планирате да ги надминете резултатите постигнати досега?
Секој од тимовите, работејќи како систем и во остатокот од годината, како и следната максимално ќе биде посветен на остварување на сите среднорочни цели што се зацртани во нашите стратешки документи. Во наредните 12 месеци очекуваме да завршиме 71 нова иницијатива и подобрувања, активности што ќе им донесат вредност на сите наши – студентите, инструкторите, вработените, партнерите. Ќе имаме неколку големи соработки со компании од земјава и странство кои ќе ни помогнат да го зголемиме бројот на вработени студенти. Следствено на нашиот раст потребно е да го прошириме тимот на инструктори, професори и вработени. За ова веќе имаме објавено повеќе огласи за вработување. Во план ни е работа и на неколку AI проекти, но нема да откриваме повеќе за ова и секако, нова трета локација во центарот на Скопје.
Бреинстер и Бреинстер Некст колеџ остануваат верни на својата мисија и визија. Инвестираме во нашите луѓе, прифаќаме агилни принципи, споделуваме информации, поддржуваме инклузивно носење одлуки, ги искористуваме податоците и имплементираме ефективни комуникациски стратегии. Создаваме култура на транспарентност, што води кон успех.
Горди сме на нашиот напредок во изминатите години, остануваме посветени на континуирано подобрување со една мисла на ум – како да им обезбедиме уште поголема вредност на нашите студенти.