Најдобри другарки се. Ги врзуваат многу заеднички интереси, како на пример ракометот, посветеноста кон пријателството и училиштето, новите технологии… Токму затоа, после четиригодишната дружба во скопската гимназија „Орце Николов“ ќе продолжат да си ја делат клупата, но овојпат во Brainster Next College.
Запознајте ги Анастасија Митова и Софија Стојчевиќ кои одбраа да учат на нашата студиска програма Софтверско инженерство и иновации. Тие ќе се трудат со помош на техологијата да го менуваат светот.
Кој прв се одлучи за NEXT?
И двете изглегуваат со многу позитивно искуство од гимназијата „Орце Николов“.
„Орце е прекрасно искуство. Од соучениците до професорите, среќна сум што бев дел од една таква здрава средина и опкружување кое сметам дека многу ми помогна во овие години на „трансформација”. Она по што најмногу ќе ја паметам гимназијата се другарствата и дружбите, но и релациите со одредени професори“, вели Анастасија.
Софија додава дека исто така имала многу позитивно искуство, полно со дружба, позитива, забава.
„Можеби најмногу ќе го помнам по дружењето, по тимската работа“, вели таа.
Училиштето исто така добро ги подготвило и за ова искуство. Анастасија вели дека професорите во гимназијата ,,Орце Николов” се многу добри во тоа да ги оспособат учениците за понатамошните животни искуства, па така и за факултетот.
„Овие четири години стекнав искуство на ред, дисциплина, предизвици и секакви пречки. Најважното нешто што го научив е дека секој проблем си има решение, но само со добра организација и истрајност може да дојдеме до тоа“.
Софија е онаа што прва одлучила да се запише на Brainster Next College. Кога споделила до Анастасија каде планира да продолжи со своето образование и таа почнала да го гледа како опција. И двете се запишаа во првиот уписен рок и веќе се вклучени во претпрограмата на факултетот што ќе ги спреми за студиите во октомври.
„Тоа што знаев дека ќе имам некој близок покрај мене во ова ново искуство, од самиот почеток беше голем плус. Секогаш е добро да се има лојален study buddy:)“, вели Анастасија.
Анастасија додава дека една од главните причини поради кои го избрала Brainster Next College е поради иновативниот пристап кон учењето.
Кон што целат Анастасија и Софија?
Во високото образование и двете влегуваат со голем ентузијазам кон софтверското инженерство и ИТ-светот.
Софија, пак најмногу кон оваа област ја привлекло тоа што нема граници, има безброј предизвици кои едвај чека да ги совладува. Со помош на софтверските решенија гледа излез за многу проблеми, како и многу полесен начин на доаѓање до одредени информации.
„Мислам дека вештачката интелегенција се развива сѐ повеќе и повеќе, има големо влијание врз општеството, особено помладите генерации, бидејќи со помош на вештачката интелегенција ќе се олесни истражувањето. Само само со еден ,,клик” и може да добиеме одговор на сѐ. Мислам дека има големо влијание врз софтверското инженерство, го олеснува процесот и е од голема помош“, вели таа.
Генерации израснати во технолошки бум
Генерацијата на Софија и Анастасија е израсната и е под огромно влијание на технологијата. Контролата лесно се губи. Затоа и ги прашавме како одржуваат здрава рамнотежа помеѓу дигиталниот и реалниот свет?
„Токму затоа научив колку е всушност важно да се балансира меѓу дигиталниот и реалниот свет. Иако ја препознавам огромната вредност и можностите што ги нуди технологијата, сметам дека никако не смееме да дозволиме таа да завладее со нашите животи и треба секогаш во преден план да ни се искуствата надвор од екраните. Гледам да го намалам користењето на телефон колку што можам, односно да го користам само кога ми е навистина потребен. Сметам дека технологијата ќе игра клучна улога во мојот, а и во образовниот пат на студентите воопшто. Со напредокот на технологијата, ние студентите веќе имаме пристап до голем број на ресурси за учење, така што, таа во огромна мера ни ги олеснува работите“, вели Анастасија.
Покрај овие заеднички интереси, Орце, NEXT, и двете ја делат и љубовта кон спортот, односно ракометот. Поминале повеќе од 12 години посветени токму на овој спорт.
Софија вели дека токму во нејзиниот развој на личноста најмногу влијание има извршено спортот.
„Тренирав ракомет 12 години и тие ми претставуваат најубавите години од мојот живот. Ракометот ме научи што претставува тимска работa, што претставува „еден за сите, сите за еден”, ме научи што претставува вистинска пријателса љубов, ме научи на “fаir play”, ме научи дека не секогаш си победник, ме научи на некои работи кои мислам дека никаде на друго место немаше да ги научам. А откако се повредив и морав да се збогувам со ракометот батериите ги полнам со моите пријатели, со смеа и голема дружба. Кај пријателството најважно нешто според мене е довербата. За некое пријателство да опстане треба да има меѓусебна доверба, но исто така придонесува и забавата, шегите, дружбите до касните вечерни часови. Јас пријателствата ги одржувам со дружба“, вели Софија.