По успешниот прв хакатон за нашата партнерска компанија САВА Осигурување на кој го баравме најдоброто креативно решение за веб-апликација за кориснички профили, викендов студентите од техничките академии на Brainster и од студиската програма Софтверско инженерство и иновации на Brainster Next College ја преземаа работата во свои раце. Нивната задача беше технички да го изработат победничкото решение од првиот хакатон и да ја „оживеат“ апликацијата.
По регистрацијата на учесниците, хакатонот официјално го отворија Вера Варџиска, претставничка на САВА Осигурување и Јована Јовановска од тимот „Партнерства“.
Јована Јовановска им честиташе на учесниците што се пријавија и дојдоа во екот на летото. Таа ги потсети студентите дека ова за нив претставува одлична прилика затоа што платформата која ја работат ќе биде пласирана на ниво на цела групација на САВА Осигурување.
Учесниците, поделени во осум групи, работеа динамично во дадениот рок за да постигнат максимални резултати. Во просториите владееше атмосфера на соработка, и иако се работеше напорно и интезивно, ова беше одлична прилика студентите од различните академии и од Brainster Next College да се запознаат помеѓу себе. Секој од студентите на факултетот се стекна со нови технички и меки вештини, а оние што досега немаа работно искуство, дознаа како е да се работи во реална работна средина под притисок од рокови.
Стефан Tрајковски, студент на Софтверско инженерство и иновации го сподели своето искуство на првиот хакатон:
„Не почувствував кога поминаа првите часови. Соработката со нашиот тим одеше супер, ја најдовме логиката како да работиме заедно и си ги поделивме улогите. Ова ми е втора работа на реален проект како студент на факултетот. Првата ми беше за испитот за Импелементација на решение – тимски со моите студенти создадовме платформа-агрегатор за културни настани во земјата. Заради овој испит, сега можам многу подбро да се снајдам на хакатонот“, вели Стефан.
Тој реши да остане првиот ден и да работи колку што може подолго затоа што вели, сакал да стекне колку што е можно повеќе знаење.
Неговата колешка Ангела Апостоловска добила совет од својот брат Јован, алумни студент од Академијата за Front-Еnd, доколу има хакатон – обавезно да се пријави. Затоа, беше една од најенергичните студенти за време на изработката на апликацијата.
Презентациите на тимовите започнаа вториот ден, во 20:00 часот, пред жири-комисијата составена од Мелита Гугуловска, генерална директорка на САВА Осигурување, Александар Михајлоски, IT менаџер на САВА Осигурување и менторите Димче Картинов (Full-Stack) и Драган Петровски (QA). По излагањата на групите, претставниците на САВА Осигурување им се заблагодарија на учесниците и им честитаа за успешно завршените проекти. А чие решение го избраа за победничко? Ќе дознаеме за неколку дена!