Едно од најчесто поставуваните прашања кога станува збор за насочување во ИТ – индустријата (поконкретно програмирање) е: Дали треба да знам математика за можам да успеам како програмер? Интересно е тоа што програмирањето се поврзува со математиката затоа што и двете споделуваат една заедничка работа, а тоа е решавањето проблеми (problem solving).
Меѓутоа, ова во ниту еден случај не треба да значи дека во другите области не се решаваат проблеми, напротив, ние секојдневно сме изложени на животни и професионални предизвици кои нѐ тераат да донесеме одлука која во тој момент ни изгледа најлогична и најоправдана.
Тогаш, се поставува прашањето: Што е она што се случува во мозокот на програмерите и дали функционира поразлично од оние кои не се? Зошто се вели дека програмирањето нѐ учи да размислуваме поинаку?
- Програмирањето ги активира центрите за учење во мозокот
Според истражувањето на Проф. д-р Џејн Зигмунд кое што е спроведено врз 17 учесници во 2014 година, дојдено е до заклучок дека кодирањето активира 5 мозочни региони коишто се поврзани со:
- Меморија -> working memory
- Внимание (фокус) -> attention
- Разбирање на јазик -> language comprehension
Интересно е да се забележи дека изучувањето на синтаксата на програмскиот јазик, читањето на делови код (code snippets), меморирањето на некои елементи од апликацијата вклучуваат активација на левиот (аналитички) дел од мозокот. Од друга страна, пишувањето на оригинален, свој код со помош на сите вештини и знаења го активира десниот (креативен) дел од мозокот.
Во насока на сето ова е и студијата од Јун-Феи Лиуа, студент на Универзитетот Џонс Хопкинс во којашто 15 програмери биле скенирани со fMRI скенер додека решавале некој програмски проблем. Резултатот од истражувањето покажало постојана активација на мозокот за време на решавањето посебно во левата хемисфера од мозокот.
- Програмирањето го менува начинот на којшто размислуваме
Како сложена мисловна активност, програмирањето, најголем дел од времето поттикнува изнаоѓање нови и различни пристапи кои може да се применат за да се реши некој проблем.
Иако ова можеби звучи апстрактно за некој што нема претходни познавања, кодирањето подразбира дека голем дел од времето ќе биде поминато на размислување и планирање како да се реши некој проблем.
Треба да се размислува како нашата идеја да ја преточиме во „зборови“ коишто компјутерот ќе ги разбере за да може да изврши некоја задача која ја сакаме.
Најубавото тука е тоа што во решавањето и идеите нема ограничувања, нема строги правила. Еден проблем може да има онолку решенија колку што има програмери зашто секој ќе пристапи од свој агол, од своја гледна точка и размислување.
Да замислиме дека во една просторија има 10 луѓе и секој од нив треба да ја опише просторијата во која се наоѓаат на англиски јазик. Под претпоставка дека секој од нив ја знае синтаксата на јазикот и основните граматички правила, секој од нив ќе ја опише просторијата онака како што ја доживува, од своја перспектива. Тоа значи дека веројатноста да има два идентични текстови е многу мала, речиси и невозможна.
Слично, иако не исто е и со пишувањето код. На ист проблем секој ќе пристапи најразлично во зависност од својот начин на размислување, искуство и знаење.
Кога некој е на самиот почеток од својата програмерска кариера, фокусот најмногу е насочен на изучување токму на синтаксата и правилата на јазикот. Тоа е сосема точен и оправдан пристап, меѓутоа многу поважно е како се соочуваме со проблемот кој што се решава, како ги организираме мислите во насока на она што моментално го работиме и дали ќе пристапиме плански во решавањето или ќе правиме безброј обиди надевајќи се дека некој конечно ќе „проработи“.
- Програмирањето ја подобрува меморијата и когнитивните вештини
Човековиот мозок е сложен орган со извонредни моќи со чија што помош секојдневно непречено функционираме. Зачудувачки е фактот дека информацијата во мозокот во вид на импулс патува со неверојатни 268 милји на час од една клетка на друга. Меѓутоа, со текот на времето истиот е подложен на промени и способноста за меморирање полека се намалува.
Сепак, она што се препорачува и во кое што може сами да си помогнеме е да применуваме нови активности (физички и когнитивни) со кои што ќе го одржуваме мозокот „во форма“. Мозокот ја има таа способност да апсорбира информации, да учи и да се развива, меѓутоа доколку тоа не е на редовно ниво, самата способност се намалува.
Покрај останатите активности кои го стимулираат работењето на мозокот (музика, уметност, решавање загатки) програмирањето, како сложен мисловен процес, со тек на време ја подобрува состојбота на мозокот и ја зголемува меморијата.
Изложеноста на мозокот постојано да размислува, да доаѓа до решенија кои што се „outside of the box“ и да учи непрекинато, доведува до изострено размислување кое само може да се усовршува и развива.
Подобрувањето на работата на мозокот е само еден дел од придобивките кои со себе ги носи програмирањето. Секако првенствено треба да постои желба и интерес за нови предизвици, постојано учење, упорност и истрајност.
Кое е твоето решение? 🙂
Проблем: Како да се помине реката?
Еден фармер кој со себе има лисица, гуска и пченка, треба да ја премине реката. Фармерот има еден мал чамец, но во чамецот има место само за фармерот и за уште една од трите работи (или лисица, или гуска, или пченка). Меѓутоа и гуската и лисицата се гладни, што значи дека гуската не може да остане сама со лисицата (затоа што лисицата ќе ја изеде). Од друга страна гуската не може да остане сама со пченката (затоа што таа ќе ја изеде пченката).
Како фармерот да ги пренесе сите работи од едниот на другиот брег од реката?