Ѓорѓи Јаневски е UX дизајнер со богато искуство, Lead Product Designer во Sphise и предавач на предметот „Софтверско дизајнирање на кориснички интерфејс“ на Brainster Next факултетот. Неговата филозофија за учење е јасна: студентите учат најмногу кога работат на реални проблеми, во реална средина.
Во ова интервју, Ѓорѓи зборува за тоа што го прави Brainster Next поразличен од другите факултети, зошто практичната настава треба да биде во срцето на образованието, кои вештини се клучни за успех во денешната технолошка индустрија и што го импресионира кај новата генерација на дизајнери.

Што го издвојува Brainster Next од другите факултети?
Brainster Next се издвојува по тоа што учењето е базирано на пракса. Студентите не учат само теорија – туку од првиот ден работат на реални проекти со вистински клиенти. Овој пристап ги подготвува за пазарот на труд многу поефикасно од класичниот модел. Обично, класичниот модел им овозможува на студентите да посетуваат пракса и да работат на реални проекти дури по завршувањето на студиите, но во Brainster Next тоа започнува веднаш, паралелно со наставата и предавањата.
Дали, како професор, повеќе препорачуваш теорија или практична настава?
Според мене, практичната настава е клучна. Теоријата е важна како основа, но вистинското учење се случува преку искуство. Кога студентите работат на реални проекти, прават грешки и решаваат проблеми – токму тогаш најмногу учат. Тоа е процесот што ги подготвува за вистинските предизвици во професионалниот свет.

Како факултетот го поддржува развојот на иновативни идеи кај студентите?
На Brainster Next, иновативноста не се учи само од книга – таа се поттикнува преку проекти, предизвици и менторска поддршка. Студентите имаат слобода да експериментираат, да истражуваат и да добиваат реален фидбек од ментори и компании. Тоа создава средина во која идеите се развиваат, а самодовербата расте преку практична примена.
Кои вештини треба да ги поседува секој студент?
Покрај техничките знаења, клучно е студентите да развијат и:
- Критичко размислување
- Комуникациски вештини
- Желба за постојано учење
- Проактивност и адаптибилност
Овие вештини се тоа што навистина ги прави успешни во една брзо менувачка и динамична индустрија.
Кои се твоите впечатоци од студентите?
Моите впечатоци се многу позитивни. Студентите се мотивирани, отворени за фидбек и подготвени за работа. Имаат енергија и став што инспирира – а тоа е нешто што не може да се научи од учебник.