Студентите на Brainster Next Факултетот оваа недела ќе бидат дел од „Дигитален мост: Собраниски хакатон,“ организиран од Собранието во соработка со Програмата за парламентарна поддршка.
Овој настан е уникатна можност за младите програмери да покажат како иновативноста и технологијата можат да ја поттикнат транспарентноста во јавниот сектор и да одговорат на социјалните предизвици преку креативни решенија.

Генералниот секрeтар на Собранието, г-ѓа Марина Димовска, им се обрати на учесниците, потсетувајќи ги да ја искористат оваа можност да се поврзат со Собранието:
„Овој настан е специјално дизајниран за да ве инспирира и поттикне да ги искористите отворените податоци со цел да изработите софтверски решенија кои би се користеле за адресирање на различни општествени предизвици. Вашето иновативно размислување во ова ново време на дигитализација е значајно за Собранието!”

Но, исто така од огромно значење се и искуството и контактите кои ќе ги стекнат студентите. Покрај развојот на иновативен проект, тие ќе можат да се поврзат со експерти и други студенти. Вмрежувањето може да поттикне идни соработки, иновации и размена на идеи кои ќе бидат клучни во кариерата на иноваторите.
Нашите студенти ќе имаат три дена за да ги применат своите знаења и вештини, почнувајќи со воведен ден исполнет со панел дискусија: „Важноста на отворените податоци и институционалната отвореност кон новите технологии“ и презентирање на целите на хакатонот. Во текот на следните два дена ќе се посветат на интензивно кодирање и развој на софтверски решенија кои ќе бидат засновани на податоците од отворените бази на Собранието и Националниот портал за отворени податоци.

За време на хакатонот, присутните ментори ќе им обезбедат техничка поддршка на студентите, совети и насоки за развивање на својот проект.
Последниот ден, студентите ќе имаат шанса да ги презентираат своите решенија пред комисија составена од експерти и претставници на Собранието и ИТ заедницата. Тие ќе го оценуваат секој проект врз основа на иновативност, употребливост и импактот врз транспарентноста и ефикасноста во јавниот сектор.
На овој хакатон студентите ќе имаат можност да научат повеќе за важноста на институционалната отвореност кон новите технологии и како нивните вештини можат да се применат за јавно добро. Ова е уникатна можност за практична примена на знаењето, каде младите иноватори ќе ги соединуваат технологијата и општествената корист.