Олимпискиот сјај на UltiMATH: Mакедонија има убава и светла иднина

Share

Знаете ли како се станува шампион на Македонија по математика за помалку од 36 часа? Знаете ли како се тргнува со 350 кандидати и се стигнува до финалето, а потоа и до тронот? Знаете ли како се станува првиот освојувач на UltiMATH натпреварот, кој отсега ќе биде местото каде најдобрите математичари средношколци ќе ги одмеруваат силите секоја есен и ќе се борат за престижното признание?

Така што ќе ги поминеш квалификациите со одличен резултат. Ќе го почнеш завршниот викенд со 350 средношколци од цела Македонија, ќе ги поминеш првите две рунди вo сабота решавајќи на двапати по 25 задачи и ќе се избориш за супер финалето вo недела. А тогаш кога доаѓаат комплексните проблеми со по 5 задачи кои бараат вештина и докажување го покажуваш целиот квалитет. Прво влегуваш во Топ 10, а потоа по само два часа од предвидените три го предаваш тестот со точно решени задачи и добиваш еден час плус во исчекување на финалните резултати.

Овoj рецепт за успех, минатиот викенд го напиша првиот победник на UltiMATH натпреварот за средношколци, Дамјан Давков, кој имаше уште еден неверојатен натпревар. На колекцијата трофеи меѓу кои го има и златото од последната Олимпијада во Лондон, сега ја додаде и титулата „UltiMATH математички средношколски шампион на Македонија“. Тој е првиот освојувач на 10.000 евра и на целосна стипендија за Brainster Next факултетот.

А викендот почна неверојатно. Точни како задача решена до последната децимала, натпреварувачите почнаа да пристигнуваат речиси во истиот момент кога вратите на Ист Гејт Мол беа отворени за учесниците на првиот UltiMATH. Цела Македонија на едно место. Големата сала која во 8:30 часот беше со 350 празни масички и столчиња наеднаш почна да се полни. За кратко време веќе една третина беше исполнета и почна да се чувствува убавината на еден ваков настан на кој имаше место за најдобрите..

На една страна натпреварувачите, на друга родителите. Емоции, неизвесност, исчекување, желба за докажување, за покажување на сето знаење… Почитта е на сите страни. Задоволството кај родителите што нивното дете е меѓу најдобрите 350 математичари во Македонија е видливо. На моменти тие делуваат како да имаат многу поголема трема отколку самите натпреварувачи. Се чувстува задоволство и среќа и тоа и дава уште поголема сигурност и мотивација на комплетната екипа која стои како организатор на настанот.

Наближува 10 часот. Масичките се речиси исполнети. Просторот кој беше предвиден за родителите е преполн, па почнуваат да го освојуваат и делот околу масичките додека се подготвува свеченото отворање и читањето на правилата. Се аплаудира на секој убав збор насочен кон 350-те девојчиња и момчиња пред кои се четири рунди на патот кон UltiMATH победата.

Петар Ниновски, основачот на Brainster ги поздравува и натпреварувачите и родителите и им посакува среќа, а потоа го отстапува подиумот на претседателот на Комисијата на натпреварот, Ивица Пешовски, кој во следните 36 часа ќе ја има најнеблагодарната работа. Ќе треба после секоја рунда да им соопштува на учесниците, кој ќе мора да го напушти натпреварот.

Уште додека се очекуваaт резултатите од првиот круг се шушка кој е првиот фаворит за победа. Сите зборуваат за Дамјан. Сите му се восхитуваат на неговите досегашни успеси и на сите им е инспирација. Веќе е јасно дека Македонија има одлични математичари, кои ја имаат покорено и Европа и светот. Тука се сите. На сите ни е само уште појасно дека ова е неверојатно силен натпревар. Ќе решаваат нијанси.

Во два дена се филтрираат кандидатите. Од 350 во саботата во 11 часот кога тргна одбројувањето за првата рунда до 15 часот во недела кога стартуваше финалната рунда со ТОП 10 кандидатите, во салата се слуша само звукот на хартијата и пенкалото и одвреме навреме типкање по калкулаторите. Културни, умни, воспитани… Кој рече дека Македонија нема светла иднина?

А не се ни чувствува кога поминува предвиденото време за решавање на тестот. Некои завршуваат побрзо, други чекаат до истекот на времето. Меѓутоа 200 си заминаа после првата рунда, уште 100 после втората и 40 после третата рунда, за во финалето да останат само 10.

За жал правилата се такви. Мора да се одберат најдобрите десет кои ќе го дадат шампионот. Така е и на секој натпревар каде што има елиминации. Така е на Светските и европските првенства во атлетика или пливање, но и на Олимписките игри. Таму во финалето се 8, но само 1 е со златниот медал. Системот на елиминации е безмилосен, но само оној што ќе покаже конзистентност, ќе биде константен со голем успех во секоја рунда, може да се радува на првото место на пиедесталот.

Додека ги гледаш како решаваат и се длабоко замислени во обидот да го најдат точното решение и ги испишуваат листовите додека изработуваат мала скрипта за комплексните и сложени математички проблеми, нема како да не ти дојде желба да седнеш на некое столче до нив и да се обидеш да го провериш своето знаење. Меѓутоа кога ќе го погледнеш тестот и ќе ја видиш комплексноста на задачите станува јасно зошто се само 50 во третата рунда и само 10 во финалето. Тие деца се богатството на Македонија, кое мора да се чува и да се негува. Заслужуваат!

А викендот поминува во еден здив. Веќе е недела, 19 часот, и во салата се сите финалисти. Тука се и нивните родители, претставниците на училиштата, организаторите од Brainster и партнерите. Се чека само да се види кој ќе биде првиот шампион.

Почнува одбројувањето од 10 до 1. На сцената се редат: Леонид Цуклев, Антонела Владева, Сара Стефановска, Виктор Максимовски, Марко Митевски, Марко Серафимовски, Дамјан Стојанов, Ивано Божиновски. Сите одлични. Нијанси одлучуваат каков ќе биде пласманот на крајот. Сите потврдуваат дека местото во Топ 10 им е засклужено.

Остануваат уште двајца. Алексеј Тасиќ и Дамјан Давков. И двајцата со точни резултати, но Дамјан беше побрз. За околу два часа ги реши сите задачи што беше пресудно во финалето. На крајот шампионот од Лондон е шампион и на UltiMATH.

Првиот и најголем математички настан за средношколци во Македонија доби олимписки сјај. Детето кое во родниот град го нарекуваат Питагора од Штип, си замина од овој неверојатно убав викенд со титулата „UltiMATH математички средношколски шампион на Македонија“, 10.000 евра и целосна стипендија за Brainster Next факултетот. Секоја чест!

Насмевки, радост, позитива. Од овој викенд со насмевки си заминаа сите. Средношколците бидејќи добија можност да си ги одмерат силите во директен дуел решавајќи ги физички истите задачи и притоа добија подароци и изненадувања. Родителите бидејќи наидоа на топол прием од организаторот, добија можност да им дадат поддршка на своите деца до стартот на секоја рунда. Организаторите бидејќи сработија одличен настан и се потрудија сè да помине беспрекорно и уште при првата година ја кренаа летвичката толку високо што следната 2025 ќе треба да се потврди она што беше перфектно на 30 ноември и 1 декември.

Share

претходно

Text

Softversko inzenerstvo | Brainster Next College

следно

Text

Softversko inzenerstvo | Brainster Next College

Види повеќе во новости, заедница, проекти

Биди секогаш во тек со новости од Медиа

    Следи ги новостите од медија

      X

      Соработувај со нас

        Предложи Содржина

          Контакт Лице

          (+389) 070 239 915
          Или пиши ни на
          Softversko inzenerstvo | Brainster Next College

          Испратено!

          Твојата порака е успешно пратена. Соодветен човек од нашиот тим ќе те исконтактира најбрзо што може!