Курсот Математика во Python го создаде Петар Јолакоски, професор на Brainster Next College (Бреинстер Некст колеџ) и помлад истражувач во Центарот за компјутерски науки и информатички технологии во МАНУ.
„Причина за создавањето на курсот е да се почне со премостување на јазот помеѓу апстрактните математички концепти и нивните реални примени со обезбедување практична рамка за учениците да го применат своето знаење“, вели Петар Јолакоски.
Во третиот дел од курсот ќе учите за Аритметиката, како елементарен дел од математиката, кој се изучува уште од основно образование.
Овој дел започнува со основните операции на аритметиката. Конкретно, ќе ги научите својствата на собирање, одземање, множење и делење и операторите (знаците) во Python за нивно спроведување. Понатаму, ќе научите да спроведувате некои посложени операции како степенување и коренување, проследено со резиме на сите операции од претходно. За на крај, да го совладате редоследот на спроведување на аритметичките операции и важната улога што ја играат заградите.
Се продолжува со апсолутната вредност и зошто е поврзана со разни концепти како должина и растојание во бројни математички и физички контексти. Во наредните делови ќе дознаете со кој оператор во Python се пресметува остатокот при делење, што претставува Најголем Заеднички Делител (НЗД) и како истиот постепено и директно да се пресмета во Python, како и што претставува Најмал Заеднички Содржател и како се пресметува во Python. Следно, ќе учите за основната поделба на целите броеви на парни, непарни и прости броеви, а со тоа ќе се воведе и примени фундаменталната теорема на аритметиката која се користи како основа за модерните криптографски системи и клучна за резултати од теоријата на броеви.
На крај, ќе научите како преку for циклус се имплементираат основни математички операции како собирање и множење на низа од броеви. Со овој дел практично ќе се разберат познатите математички нотации (обележувања) за собирање и множење.
Бесплатниот онлајн курс Математика во Python е креиран од Петар Јолакоски, професор на Brainster Next College, со цел да им овозможиме на сите идни студенти да добијат подобра математичка основа за на факултет и брзо и лесно совладување на математички предизвици.