Нашите студенти имаат можност да го учат предметот Визуелизација на податоци директно од еден од водечките експерти во ИТ индустријата – професорот Никола Николов. Со импресивни 20+ години искуство, неговата богата кариера опфаќа развој на софтвер, проектен менаџмент, QA и анализа на податоци, како и специјализација во Microsoft Dynamics 365 и Power Platform.
Професор Николов активно придонесува во индустријата, обезбедувајќи им на студентите знаења за најновите трендови и технологии. Неговата експертиза во Energy & Utilities секторот претставува особена предност за студентите заинтересирани за овие специфични области.
Ова е извонредна шанса студентите да учат од професионалец со докажани резултати во водење тимови и управување со проекти. Во продолжение, прочитајте ексклузивни прашања и одговори со професорот Никола Николов, кој споделува повеќе за своето искуство како професор на Brainster Next факултетот.

Што го прави Brainster Next уникатен во однос на другите факултети?
Значајна особеност во овој конкретен пример е интензивната интеракција со студентите од тимот на факултетот, за која можам да посведочам – тимот е мотивиран, добронамерен и се труди не само во однос на задржување на академскиот интегритет преку контрола на присуството и квалитетот, во услови на густ распоред на настава и испити, туку и во смисла на редовна и отворена комуникација преку сите можни канали, флексибилност во однос на потребите на студентите и, најважно, кариерното советување и силната определба и фокус на професионалната иднина и кариера на студентите преку организирање на пракси, практична настава, развој на технички вештини на студентите и фокус на нивната вработливост.
Дали, како професор, повеќе препорачуваш теорија или практична настава?
Ова е „трик“ прашање. 🙂 Одговорот, секако, зависи од контекстот (предметот). Предметите што се со изразена технолошка природа (програмирање во конкретни јазици, конкретни алатки за визуелизација на податоци и сл.) се силно врзани со практичната настава. Поапстрактните теми (нпр. проектен менаџмент или теорија на информации…) или пак предмети кои што се занимаваат со основите на некоја научна тема (математика, алгоритми и сл.) – природно, не можат да вклучат практичен дел надвор од обемот на решавање на соодветни задачи и проблеми, кои често и не се дел од професионалното секојдневие во информатиката, иако се неопходни за постигнување на висок квалитет. Способноста за апстракција, силниот теоретски фундамент и критичката анализа не треба да бидат запоставени во однос на развојот на практичните вештини – тие две димензии треба да се третираат балансирано во рамките на студиите.
Според тебе, како факултетот го поддржува развојот на иновативни идеи кај студентите?
Редовната соработка со компании и институции кои имаат ИТ развој и/или потреби, хакатони и сл. – вклучително, потенцираат иновативност и самостојно размислување и работење кај студентите под надзор на соодветен ментор.

Кои релевантни вештини треба да ги поседува секој студент?
Потребен е „хард скил“ – „софт скил“ баланс. Класичното размислување (од мое искуство и со кое се согласувам) е дека основно познавање на концепти од објектно-ориентираното програмирање и релациони бази на податоци е неопходно за професионално работење во било која „роља“ поврзана со развој на апликации. Мислам дека многу важни се и способностите за справување со технички предизвици и ефикасна комуникација. Длабокото познавање, на пример, на некој конкретен програмски јазик – веројатно и не треба да се очекува од студент, но познавање на основите и, следствено, проактивност и способност релативно брзо, точно и прецизно да се разбере проблематиката и да се побара решение или дополнителни информации од било кој извор, се клучни. Ова мора да вклучува и комуникативност – на почетокот на кариерата младите професионалци не треба да имаат „страв од премногу прашања“ – прашањата и барањата за дообјаснување не само што се добредојдени, туку и се очекувани.
Кои се твоите впечатоци од работата и посветеноста на студентите?
Добар дел од студентите демонстрираат желба и/или капацитет и соодветна активност да научат тоа што се предава и се очигледно високо мотивирани не само за учење, туку и за професионален успех во иднината. Од друга страна, некои се ограничуваат на минимум потребни знаења од материјалот кој што е потребен за положување на испитите. Генерално гледано, интересот за самостојно изучување надвор од понудениот материјал се чини дека е мал, освен во случаи кога станува збор за студенти кои работат на сопствени проекти или се веќе професионално ангажирани. Ова го сметам нормално за секој факултет. Од Гаусовата распределба е невозможно да се избега. 🙂