Бреинстер потпиша меморандум за соработка со Министерството за образование и наука со што се приклучи кон институционалните заложби за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем во Македонија.
Во петокот во Mинистерството беше потпишан трипартитен меморандум за соработка помеѓу, министерката за образование и наука Проф. Д-р Весна Јаневска, Петар Ниновски, основач на Бреинстер групацијата и Александар Клашниновски, генерален менаџер на Бреинстер некст коеџот.
Јаневска изрази задоволство што Бреинстер групацијата покажува висока општествена одговорност и подготвеност со своето знаење и стручност да помогне на Министерството, Бирото за развој на образованието и Центарот за развој на стручното образование во интегрирањето на оваа технолошка иновација во наставните програми во средните училишта во државата.

„Примарниот фокус на меморандумот што денес го потпишуваме е поддршка за воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Важно е нашите ученици да знаат етички да ја применуваат при остварувањето на образовни и професионални цели. Но, Бреинстер ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование и јас им благодарам за подадената рака“, рече Јаневска.
Според неа, развојот на националниот образовен систем и грижата за создавање на квалитетни и добро едуцирани млади генерации е обврска на цело општество и затоа е добро што општествената одговорност постојано се зголемува, а институциите добиваат нови партнери.
Основачот на групацијата Бреинстер, Петар Ниновски потенцираше дека за нив ова е значаен ден бидејќи се формализира соработката со МОН и се прави голем чекор напред кон системски пристап во воведување на вештини поврзани со познавањето на вештачката интелигенција во средното образование.

„Нашата визија е создавање на квалитетно образование кое конвенира со потребите во реалниот свет, а со овој чекор, заеднички со МОН и со сите други институции ќе работиме младите да бидат подготвени за светот што забрзано се менува и иднината која веќе ја живееме. Веруваме дека заеднички можеме да изградиме образовен систем што не само што ги следи светските трендови, туку и активно учествува во нивното дефинирање. Среќни сме што државата го препозна потенцијалот кој го поседуваме и особено сме благодарни на министерката Јаневска за покажаното лидерство и визија. Младите заслужуваат квалитетна подготовка за да може да создаваат подобра иднина за Македонија. Чест ни е што сме дел од овој процес на трансформација на општеството.“, потенцираше Ниновски.
Познавањето на вештините поврзани со вештачка интелигенција, нивната активна и етичка примена ќе бидат алатката која што ќе ја зголеми компетентноста на младите генерации во процесот на наоѓање работа по завршување на образованието. Групацијата Бреинстер е лидер во имплементирање на овие вештини во обраозвниот процес, на сите нивоа.