Од денес ја прошируваме мапата на институционални партнерства на Бреинстер групацијата со уште една важна соработка: потпишавме Меморандум со Основниот кривичен суд Скопје и Здружението на судии на РСМ, со што ја започнуваме првата фаза на дигитална трансформација на еден од најважните правосудни органи во државата.
Студентите на Бреинстер Некст ќе бидат дел од реални процеси на иновација и ќе работат на проекти кои вклучуваат:
- Алатки за автоматска транскрипција на судски рочишта (speech-to-text на македонски),
- Модернизација на аудио и видео снимањето на главните расправи,
- Апликација за анонимизација на пресуди, и
- Редизајн и унапредување на дигиталното присуство на судот (веб и социјални мрежи).
Овој Меморандум е уште еден чекор во нашата мисија да го приближиме образованието до реалниот свет и уште еден доказ за ефективноста на нашиот концепт на образование. Како и во претходните партнерства со Државниот архив, Собранието на Република Македонија и Министерството за образование и наука, нашата цел е јасна: студентите да учат преку работа на реални и важни проекти, а институциите да добијат конкретна вредност преку иновации и технологија.
Ова е уште еден важен чекор за нашата групација поради можноста да придонесеме во дигиталната трансформација на општеството, но и како доказ за препознавање на квалитетот на образование со кое се стекнуваат нашите студенти од страна на најважните институции во државата.
Дигитализацијата на судовите не е само технолошки процес, туку е предуслов за поефикасна правда, поголема транспарентност и инклузивност, а употребата на вештачката интелигенција ќе придонесе за подобри услуги кои граѓаните ќе ги добиваат од институциите на системот.