Главната причината за формирање на Бреинстер како компанија беше несовпаѓањето на тоа што го нуди формалното образование кај нас вис а вис барањата и потребите на пазарот на трудот и новите типови на професии коишто воопшто не се покриени со формалното образование.
Во насока на подобрување на образованието во целост, пресликување на добрите практики од Бреинстер во формалното образование како и надминување на дискрепанцата која се појавува, основан е Бреинстер Некст колеџот.
Гореспоменатото несовпаѓање е потврдено со истражувањето коешто го спроведе European Training Foundation преку својот репорт Skills Mismatch Measurement in N. Macedonia во кое се наведува дека: “Само 45% од испитаниците кои не се со високо образование навеле дека вештините и знаењето кое го добиле за време на образовниот процес им користи за извршување на работните задачи и одговорности на тековното работно место, додека 23% репортирале дека нивното знаење и вештини добиени преку образовниот процес се бескорисни во контекст на нивното постоечко работно место, додека 30% одговориле дека само делумно можат да ги користат здобиените знаења и вештини во контекст на постоечкото работно место.
Слично на ова, само 52% одговориле дека нивната образовна област е релевантна за работното место што го имаат, додека 22% одговориле дека нивната сегашна работа изискува сосема различна област на образование од онаа што ја поминале низ нивниот образовен процес.
Бројките се малку попозитивни за испитаниците со високо образование, од нив нешто под 70% изјавиле дека нивните образовни квалификации и област се соодветни за работното место на кое се наоѓаат во моментот, 13% репортирале дека нивното тековно работно место изискува целосно различна образовна областа, додека 10% пријавеле дека нивното тековно работно место не изискува знаење и вештини од ниту една конкретна образовна област.
Овој кариерен квиз е и понатаму достапен, и може да биде корисна алатка за средношколци и матуранти кои се наоѓаат непосредно пред изборот на високо образование како предуслов за нивна идна кариера. Сите заинтересирани можат да пристапат до квизот на следниот линк https://careers.brainster.co/quiz
Покрај неусогласеноста на понудата на формалното образование со побарувачката на пазарот на труд, преку оваа алатка, решивме да истражиме уште една релација која е блиску поврзана со горенаведената дискрепанца, односно несовпаѓањето на тековните кариери на испитаниците со нивните идеални кариери и кариерни цели.
Исто така како дел од оваа алатка анализиравме и кој тип на личност е испитаникот и врз основа на типот на личност, која дигитална професија би одговарала на испитаникот, имајќи предвид дека дигиталните професии се оние професии кои се отпорни на автоматизација и исчезнување.
За оваа цел ги искористивме 16те Myers–Briggs personality types кои се базирани на теоријата на Карл Г. Јунг за психолошки типови [Јунг, 1971], при што сите испитаници кои го решија тестот беа сместени во еден од овие 16 типови на личности.
Резултатите на кариерниот квиз кои содржат релевантни податоци и ги дискутираме и анализираме во оваа статија се однесуваат на период од нешто повеќе од една година, односно од лансирањето на оваа алатка во ноември 2020 година заклучно со 20.12.2021 година.
Овој временскиот период беше избран со цел обезбедување на релевантен и значаен примерок и број на решавања на кариерниот квиз се’ со цел носење релевантни заклучоци од истиот.
Како што наведовме и погоре, целта на кариерниот квиз е повеќеслојна:
- Испитаниците да можат да го определат својот тип и код на личноста врз основа на 16те Myers–Briggs personality types.
- Да се определи релацијата помеѓу типот на личноста на испитаникот и нејзината идеална кариера.
- Да се провери односот на луѓе чијашто сегашна кариера е во исто време и нивната кариера од соништата.
- Да се направи демографска анализа на горенаведеното.
Компаративна анализа и анализа на литературата
Пред да ја креираме оваа алатка, првиот чекор ни беше да направиме компаративна анализа и анализа на литературата во однос на несовпаѓењето на идеално очекуваните кариери на младите личности со трендовите на работа и работните места за коишто има најголема побарувачка во моментот.
Резултатите на истражувањето на ОЕЦД објавено во нивната публикација “Dream Jobs: Teenagers’ Career Aspirations and the Future of Work” од 2020 година покажува дека околу половина од испитаниците кои биле на 15 годишна возраст и кои доаѓаат од 41 држава очекуваат или сакаат да работаат во една од 10 кариери кои се означени како традиционални од кои некои се во ризик на исчезнување кое би се должело на се поголемиот тренд на автоматизација.
Тоа што се наведува како интересен факт во ова истражување е што оној тип на традиционални професии или кариери дел од коишто постојат и над 2 века како докторите, наставниците, адвокатите, ветернирарите, инженерите, полицајците и бизнис менаџерите всушност стануваат се’ популарни меѓу тинејџерите во последните 20тина години и покрај сите измени и трансформации на работните места кои се случија и се’ повеќе се случуваат и ќе се случуваат во периодот што доаѓа.
Ова истражување пронајде многу мала односно скоро непостоечка корелација помеѓу кариерните аспирации на тинејџерите вклучени во ова истражување и антиципираните потреби на пазарот на труд што индицира дека сигналите на пазарот и новите трендови во светот на работата не доаѓаат до младите или не ја будат нивната имагинација.
Заклучокот на ова истражување е дека имајќи предвид дека кариерните соништа се основен извор на мотивација на младите луѓе да учат напорно и да се посветат на образовниот процес, треба да се стави голем акцент на процесот на кариерно насочување имајќи предвид дека кариерните соништа најчесто под влијание на личната позадина на младите луѓе и особено на колку добро се запознаени со светот на работата и со најновите трендови во него.
Втор чекор во компаративната анализа и анализата на литературата која ја направивиме, беше да провериме дали Myers–Briggs personality type на секој од испитаниците влијае на нивната кариера односно дали определени типови на личности имаат склоност кон определен тип на кариери што влијае на нивното задоволство на работното место.
Го избравме Myers–Briggs personality type како основа за определување на типот на личноста бидејќи согласно научниот труд “Evaluating the validity of Myers-Briggs Type Indicator theory: a teaching tool and window into intuitive psychology”, MBTI тестовите се едни од најчестито употребуваните метрики преку кои се мерат карактеристиките на личноста и кои не само што се доста популарни туку овој тест има и прилично долг животен век бидејќи прв пат почнал да се употребува дури пред 70 години.
MBTI тестовите ги делат personality types на 16 различни типови кои се базираат на теоријата на психолошки типови воспоставена и опишана од C. G. Jung:
Слика 1: 16 MBTI personality types со објаснување за нивното значење. (креиран од Jake Beech, Wikimedia Commons, the free media repository)
Истражувањето коешто е презентирано во научниот труд “Personality in information systems professions: identifying archetypal professions with suitable traits and candidates’ ability to fake-good these traits” на Универзитетот во Љубљана, покажа дека за определени tech и IT професии постојат соодветни MBTI personality types.
Класификацијата на професиите како и соодветните MBTI personality types во согласност со резултатите на истражувањето се следните:
- IS (information system) Project Manager – ENTJ
- IS Marketing Specialist (Digital Marketer) – ENTP
- IS Consultant – ENFP
- IS Security Specialist – ISTJ
- Data Scientist – INTP
- Business Process Analyst – INTJ
После идентификацијата на овие типови на личност и нивното поврзување со соодветната професија од погоре, истражувачите на Универзитетот во Љубљана направиле експеримент во неименуван бизнис факултет при што поканиле 452 студенти од тој факултет да учествуваат во истражувањето.
Студентите биле поделени во 2 групи, при што првата група броела 301 студент на кои биле распределени по случаен избор во една од горенаведените 6 професии. Притоа на сите учесници во првата група им биле кажани кој MBTI personality type одговара на професијата за која го прават тестот при што овие учесници не биле свесни дека се дел од експеримент туку им било кажано дека сите они чии резултати на тестот ќе се совпаднат со соодветниот MBTI personality type за таа професија ќе бидат испратени за потенцијален работодавец кој бара работници.
Втората група била контролна група и броела 151 учесник и на овие учесници не им биле дадени никакви информации туку само им било кажано да го пополнат тестот.
Резултатите покажале дека дека учесниците во првата група не биле во можност да ги фингираат резултатите во толкава мера со цел како исход на тестот да го добијат бараниот MBTI personality type за таа професија што е уште еден аргумент во полза на користењето и на валидноста на MBTI тестовите во процесот на спојување на испитаниците со определени работни места и професии кои изискуваат определен MBTI personality type.
Истотака, искуството на кариерниот тренер Ashley Stahl кое е објавено во реномираниот магазин Форбс (Forbes) во натписот “3 Ways Knowing Your Personality Type Can Help You With Your Career” покажува дека спознавањето на сопствениот Myers–Briggs personality type му помогнало на нејзиниот клиент да си ги спознае сопствените перцепции и предрасуди што му дало одличен увид во која насока треба да ја води потрагата по нова работа.
Иако спознанието на типот на личноста не значи дека преку истата, испитаникот ќе знае точно кое специфично работно место и кариера перфектно би и/му одговорала, сепак тоа спознание би помогнало во следните елементи според горенаведениот натпис:
- Да си го намали опсегот на професии и кариери кои се добар фит за неа/него. Некои типови на личности се покреативни од другите. Некои се природни лидери додека други не покажуваат склоност кон водење на луѓе. Спознанието во која група на личности спаѓа некој може во најмала рака да ги елиминираа оние области кои не одговараат на карактеристиките на тој тип на личност.
- Да си ги идентификува своите најсилни страни и вештини. Некои типови на личности се поаналитички од другите. Некои се поорганизирани. Некои претпочитаат учење, додека други претпочитаат акција и создавање. Ако личноста има подлабоко ниво на свесност за своите најсилни страни, истата може да се насочи кон кариера која изискува таков тип на вештини.
- Да ја открие најдобрата работна средина за себе. Одредени типови на личности функционираат подобро во некои средини – на пример, интровертите кои претпочитаат да работаат самостојно и често се затворени во својот свет, функционираат подобро во средини коишто не бараат многу јавни настапи, презентации и групни активности, и во работни средини со помалку луѓе.
Како заклучок Ashley Stahl наведува дека спознанието во однос на кој тип на личност припаѓате, како и разбирањето на кои различни типови на личности постојат, им овозможува на индивидуите да се здобијат со подлабоко разбирање за тоа како луѓето се разликуваат меѓу себе, и уште побитно да ги разберат сопствени перцепции и реакции на светот околу нив што многу би им помогнало во изборот на соодветната кариера и професија.
Методологија
Кариерниот квиз е составен од три дела со различен тип на прашања.
Првиот дел е составен од 32 прашања и целта на истиот испитаниците да откријат на кој од 16 типови на личности припаѓаат. Секој од овие типови на личност носи свои карактеристики и силни страни кои најдобро се поврзуваат со одредени професии.
Во овој сет на прашања испитаниците одбираа кон што се повеќе се наклонети на скала од 5 точки помеѓу двете крајности на една карактеристика за да може да се сместат во еден тип на личност кој припаѓа на еден од 16те Myers–Briggs personality types опишани во детали погоре.
Вториот дел се состои од 30 прашања чија цел е да се открие афинитетот на испитаниците кон дигиталните вештини согласно нивните персонални карактеристики. Согласно одговорите на овој сет на прашања, испитаниците добиваа соодветен предлог за најбараните и најактуелните професии во дигиталниот свет базирано на искуството и експертизата на тимот на Brainster.
Одговорите во овој дел беа со обележување на скала од 5 ѕвезди каде 1 ѕвезда значи дека најмалку, а 5 ѕвезди дека испитаникот најмногу се согласува со исказот или прашањето.
Третиот и последен дел се состои од 4 кратки лични податоци на секој од испитаниците кои се неопходни за да се определи персонaлизираниот резултат за типот на личност и кариерни предлози добиени од оваа алатка.
Резултати и дискусија на резултатите
Во периодот од лансирањето на квизот па заклучно со 20.12.2021, 7009 испитаници целосно го одговориле кариерниот квиз, оставајќи релевантни податоци кои може да се предмет на анализа (целосната бројка на решавања на квизот, вклучувајќи ги и оние решенија кои не содржат целосни демографски информации и заради тоа не се предмет на оваа анализа изнесуваат над 10,000), бројка која слободно може да се земе за репрезентативна. Некои демографски и информативни податоци во однос на испитаниците кои го решиле кариерниот квиз може да се пронајдат во следните графикони:
Графикон 1: Полова структура на испитаниците
Графикон 2: Возрасна структура на испитаниците
Графикон 3: Образовна структура на испитаниците
Графикон 4: Тип на личност на испитаниците согласно 16те Myers–Briggs personality types
Графикон 5: Број на испитаници со релевантни одговори кои се предмент на анализа, според месецот во кој го решиле квизот:
Во однос на возраста може да се види дека 18 годишниците се најзаинтересирани за тоа во кој тип на личност припаѓаат, како и кои кариерни опции од корпусот на дигиталните технологии одговараат на нивниот тип на личност што и не зачудува бидејќи на таа возраст средношколците завршуваат со своето образование и решаваат дали ќе продолжат со факултетско образование и во која насока ќе се движат ако не продолжат.
Не изненадува фактот и што возрастите од 17 до 26 години се следните категории кои биле најзаинтересирани за овој кариерен квиз имајќи предвид дека во овој дел од животната доба најчесто е најлесно да се направат промени во кариерата имајќи предвид дека личностите на оваа возраст само што почнале со нивните кариери и се наоѓаат на почетната патека од нивата кариера.
Тука мора да се напомене дека од резултатите беа исклучени 105 одговори на испитаниците кои ставиле дека припаѓаат во определен ранг на возраст (пр. над 20 години) бидејќи многу тешко истите можат да се категоризираат во која било од категориите вклучени во соодветниот графикон од погоре.
Исто интересен факт е дека повеќето од испитаниците се со универзитетско образование што индицира дека и покрај фактот што голем дел од луѓето имаат високо образавоние, тоа не е знак дека престануваат да размислуваат за својата кариера и нејзината насока, нешто што беше незамисливо пред неколку декади кога кариерата на унивезитетски образованите личности беше целосно зависна од областа во којашто дипломирале.
Интересно е дека најчест тип на личност е ISTJ кој го добиле 18% од испитаниците, што не е далеку од податоците на The Myers and Briggs Foundation според која 11,6% од популацијата на САД е од овој тип и овој тип е трет најчест застапен во американската популација.
Многу поголема дискрепанца се појавува кај вториот најчест тип на испитаниците кои го решиле кариерниот квиз, каде 12,9% од нив добиле дека припаѓаат на INTJ типот кој е застапен само кај 2,1% од американската популација и е 3 најредок тип на личност. И на дното имаме поголема дискрепанца меѓу нашите испитаници и американската популација, односно најредок тип меѓу нашите испитаници бил ENFP со 1,6% кој е застапен со 8,1% во американската популација и со тоа е на 7 место од 16 типови на личност.
Помала дискрепанца имаме меѓу вториот најредок тип на личност во нашиот квиз – ENTP кој е застапен со 1,7% од нашите испитаници додека во американската популација е застапен со 3,2% со што е четврт најредок тип на личност.
Исто истражувавме и во кој месец од овој 13 месечен период од кога е лансиран кариерниот квиз сме имале најмногу решавања на истиот и не беше изненадување за нас дека дури 72% од сите решавања се случиле во декември 2020 имајќи предвид дека главната ПР и маркетинг кампања за истиот беше лансирана во овој месец.
Освен анализата на погоренаведените демографски и информативни податоци, целта на кариерниот квиз е да откриеме во која област се наоѓа кариерата од соништата на испитаниците и дали истата е дел од професиите на иднината (предоминантно tech професии) или е дел од т.н. традионалните професии:
Графикон 6: Област на која припаѓа избраната кариера од соништата
Како што може да се види од погоренаведеното, резултатите на овој дел од кариерниот квиз посочуваат дека голем дел од учесниците (скоро два пати повеќе) сеуште се определуваат за традиционалните кариери како нивни кариери од соништата.
Тоа е многу слично со резултатите од истражувањето на ОЕЦД кое го претставивме погоре со тоа што разликата меѓу нашата и анализата на ОЕЦД е во возраста на испитаниците, односно додека во истражувањето на ОЕЦД се работи за тинејџери, нашиот кариерен квиз немаше ограничување на возраста односно како што претставивме погоре, испитаниците беа од 14 па до 40+ години.
Понатаму во истражувањето и анализата на резултатите од кариерниот квиз, сакавме да провериме дали и колку испитаците сметаат дека се совпаѓаат со типот на личност кој им беше даден согласно резултатите на кариерниот квиз. Овие резултати се претставени во следните графикони:
Графикон 7: Број на испитаници кои дале одговор на тоа дали се совпаѓаат со типот на личност на кој припаѓаат согласно резултатите на кариерниот квиз
Графикон 8: Оценки на испитаниците кои дале одговор во однос на тоа колку се совпаѓаат со типот на личност на кој припаѓаат согласно резултатите на кариерниот квиз (1-воопшто, 5-целосно)
Како што може да се види од графиконот 6, 1259 испитаници дале одговор во однос на прашањето дали и колку се совпаѓаат со типот на личност на кој припаѓаат согласно резултатите на кариерниот квиз додека 5749 не дале таков одговор.
Една од причините зошто толку мал број од испитаниците дале одговор на ова прашање може да биде фактот дека ова прашање е поставено по добивање на резултатите од кариерниот квиз, како прашање кое бара испитаникот да го оцени искуството со квизот.
Од тие 1259 испитаници коишто одговориле, просечната оценка во однос на колку се совпаѓаат со типот на личност на кој припаѓаат согласно резултатите на кариерниот квиз е 4,27 што укажува на големата веродостојност на резултатите на квизот во овој дел со оглед на фактот дека секој од испитаниците најдобро знае да процени колку и дали се пронаоѓа во описот на типот на личност кои го добиле како резултат на квизот.
Со цел понатаму да ја провериме валидноста на резултатите на квизот, ги анализиравме и бројките дали и колку испитаниците се пронашле во некоја од професиите кои им биле препорачани врз основа на резултатот на квизот. Резултатите може да се видат во следните графикони:
Графикон 9: Број на испитаници кои дале одговор на тоа дали се пронашле во некоја од професиите кои им биле препорачани врз основа на резултатот на квизот
Графикон 10: Оценки на испитаниците кои дале одговор во однос на тоа дали се пронашле во некоја од професиите кои им биле препорачани врз основа на резултатот на квизот (1-воопшто, 5-целосно)
Соодносот на испитаници кои дале одговор дали и колку се пронашле во некоја од професиите кои им биле препорачани врз основа на резултатот на квизот е многу сличен со резултатите кои се однесуваа на претходното прашање – 1240 одговориле, 5768 не одговориле. Ова не зачудува со оглед на фактот дека ова прашање одеше веднаш после претходното прашање во делот во кој се бара оценка на искуството со квизот од страна на испитаникот.
Просечната оценка во овој случај беше 3,97 што е малку помалку него соодветната во претходното прашање меѓутоа сеуште е на доволно високо ниво за да се потврди валидноста на кариерниот квиз и во овој дел – дали и колку испитаниците се пронашле во некоја од професиите кои им биле препорачани врз основа на резултатот на квизот.
На крај го анализиравме и податокот колку од испитаниците сметаат дека нивната моментална кариера е всушност и нивната кариера од соништата. Оваа анализа ја базиравме врз основа на одговорите во делот на моментална кариера и кариера од соништата, односно онаму каде што двата одговори на овие прашања беа идентични, се смета дека испитаникот моментално ја работи кариерата од соништата. Само 25% од испитаниците имаа оставено релевантни одговори на двете прашања и од нив 42,2% одговориле дека моменталната кариера е и нивна кариера од соништата.
Овие бројки не се далеку од резултатите на The Harris Poll кои покажаа дека 52% од работниците во САД сакаат да направат промена на својата кариера.
Заклучок
Кариерниот квиз со право може да се нарече едно од најголемите истражувања во Македонија во делот на кариерата. Со оглед на фактот што за помалку од 13 месеци истиот беше решен 7009 пати (со релевантни податоци кои се предмет на оваа анализа), слободно може да се констатира дека се работи за доста репрезентативен примерок врз основа на кој се базира анализата вклучена во оваа статија.
Една лимитација во овој дел е фактот што не се вршеше проверка на податоците кои се внесуваа од страна на испитаниците во однос на нивниот идентитет, возраст, пол и образование, така што во некои идни истражувања би можело да се додаде некој тип на верификација меѓутоа веруваме дека со додавање на таква верификација сигурно ќе се намали бројот на испитаници кои би учествувале во таквото истражување.
Многу е битно да се напомене фактот дека валидноста на резултатите на квизот во делот на типот на личноста и препорачаната професија која се базира на типот на личност, се потврдува преку високите просечни оценки (4,27 и 3,97 соодветно на скала од 1 до 5) кои испитаниците ги дале во однос на тоа колку добиените резултатите сметаат дека се вистинити и релевантни, што е уште една потврда за вредноста на овој квиз.
Фактот дека истиот се базира 16те Myers–Briggs personality types кои се создадени врз основа на теоријата на Карл Г. Јунг за психолошки типови и што овој тип на MBTI тестови се употребуваат над 70 години низ целиот свет, овозможува резултатите од овој квиз да може да се споредат со соодветните резултати од многу земји кои вршеле слични истражувања.
Референци
https://www.worldcat.org/title/psychological-types/oclc/214504
https://www.oecd.org/berlin/publikationen/Dream-Jobs.pdf
Stein, R. and Swan, A.B. (2019), “Evaluating the validity of Myers-Briggs Type Indicator theory: a teaching tool and window into intuitive psychology”, Social and Personality Psychology Compass, Vol. 13 No. 2, e12434, doi: 10.1111/spc3.12434.
https://www.emerald.com/insight/content/doi/10.1108/ITP-03-2021-0212/full/html
https://www.myersbriggs.org/my-mbti-personality-type/my-mbti-results/how-frequent-is-my-type.htm