Трето место за Аника и финале за Илијана: Одличен успех за студентките на Brainster Next на конкурсот на „Лице в лице“
Share
Конкурсите за млади креативци често претставуваат можност за изразување на талентот, но понекогаш тие стануваат и простор за артикулирање на став, критика и општествена одговорност. Токму таков беше конкурсот организиран од „Лице в лице“ под слоганот „Осмели се, инспирирај, промени: Политичкиот интегритет низ очите на младите“, кој беше наменет за млади уметници и креативци до 29 години.
Темата на повикот беше насочена кон општествени предизвици како корупцијата, односот помеѓу политичката моќ и одговорноста, како и значењето на интегритетот во јавниот простор. Учесниците имаа задача да создадат визуелно дело во А3 формат – илустрација, постер, дигитален колаж, дигитална графика или друг креативен дигитален медиум – кое преку силна и промислена визуелна порака ќе ја отвори темата за политичкиот интегритет и ќе понуди јасна уметничка општествена критика.
Во рамки на овој конкурс, Аника Цветановска освои трето место со дело кое ја истражува тенката и често невидлива линија помеѓу моќта и одговорноста. Нејзината визуелна интерпретација не се задржува на површинска критика, туку поставува подлабоко прашање за тоа дали интегритетот е индивидуален избор или морална обврска на секој што располага со влијание.
Зборувајќи за својата инспирација и концептот зад делото, Аника истакнува:
-Во мојот цртеж “Разбуди се” зборувам за како ние како систем тивко го прифаќаме наметнувањето на илузија за “идеалниот” град. Боите се шарени за да не излажат дека е се во ред, но всушност целиот град носи розеви наочари, како “тренд” наметнат од власта. Сето тоа со цел да ни го замаглат видот и да не и погледнеме на вистината во очи. Бидејќи ние самите сме единствената промена, единствената надеж, како симбол за тоа е претставена девојката на прозорецот. Таа ги вади наочарите, прави промена и става стоп на соништата што се продадени како среќа.(Тајната порака вметната во цртежот), објаснува Аника Цветановска, студент на UX/UI и графички дизајн.
Во тој процес значајна улога имало и искуството од студирањето на Brainster Next, каде преку работа на реални проекти и менторство научила како сложена идеја да ја преточи во јасен и концептуално силен визуелен израз.
-Бреинстер ми помогна да се пронајдам себе си, што сакам и во што сум добра. Ми помогнаа да сфатам дека вистинската вредност всушност во работата е кога ги правиш работите што ги сакаш и само тоа може да донесе до успех. Овој успех на конкурсот освен тоа што ме направи среќна и исполнета, го примив како потврда за мојот правец кон кој што целам, како некој вид на старт за сето она што следи и што можам понатаму да постигнам, заклучува таа.
Покрај Аника, на изложбата како финалист, учествуваше и Илијана Иваноска, чие дело „ Не сум идиот“ влезе во потесната конкуренција за наградата, што само по себе претставува значајно признание во силна конкуренција на млади автори. Нејзиниот пристап кон темата беше автентичен и концептуално јасен, со фокус на визуелно претставување на одговорноста како суштински дел од политичкиот интегритет.
-Делото ја прикажува корупцијата како систем на постојан притисок, манипулација и замолчување што директно влијае врз секојдневието на граѓаните. Централната фигура е млада жена која што претставува симбол на младите, жените и маргинализираните гласови која што е опкружена со медиумска бучава, микрофони и екрани што зборуваат наместо неа.Телевизорите претставуваат пропаганда, лажна транспарентност и пренос на искривена вистина, додека залепената уста симболизира наметнат молк и страв. Црвената боја ја носи тежината на притисокот, но и потенцијалот за отпор. Делото повикува на прекинување на тишината и преземање одговорност, нагласувајќи дека корупцијата опстојува таму каде што гласовите се потиснати. Пораката е дека вистинската промена започнува кога поединецот одбива да биде пасивен и го користи својот глас како алатка за отпор, транспарентност и солидарност.Делото е целосно рачно илустрирано во Procreate, со авторски креиран фонт. Финалната композиција и визуелно поврзување на елементите е изработено во Adobe Photoshop, објаснува Илијана.
Таа отворено зборува за причините поради кои одлучила да ја обработи оваа тема, нагласувајќи дека нејзиниот пристап произлегува од лично чувство на револт и потреба за гласност.
Во таа насока, таа додава:
-Искрено, целиот систем е обземен со корупција и неправда од страна на 99% од луѓето кои се на повисоки позиции, како и односот кон женскиот пол – потценувањето, иживувањето и дискриминацијата. Исто така, и онлајн медиумите и сè што конзумираме преку нив, несвесно ни формира мислења кои влијаат на нашиот нервен систем, ги нарушуваат човечките емоции и ја намалуваат нашата свест за реалноста, вели таа.
Студирањето на Brainster Next ѝ помогнало пред сè во градењето самодоверба и храброста да се пријави на конкурсот и да ја цени сопствената креативна работа.
-Ми помогна најмногу со самодовербата да се пријавам и да го ценам тоа што јас го имам креирано. Тоа се должи на сите хакатони, проекти, пракси, како и алатките и советите кои што ги научив до сега во Brainster (типографија- креирав фонт, фотошоп- целиот постер е составен таму итн). Мислам дека влијанието е тоа што млади уметнци зборуваат преку своето дело за сите кои што се плашат да го кажат тоа што го чуствуваат и мислат. Уметноста е силен начин да се искажи бунтовност и желба за промена која што е неопходна да се воведи за безбеден, еднаков и нормален тек на животот за сите, заклучува Илијана.
Учеството и успехот на Аника и Илијана не претставуваат само лични достигнувања, туку и потврда дека младите автори имаат јасен став за општествените прашања што ги засегаат. Преку визуелниот медиум тие покажуваат дека уметноста може да биде простор за критичко размислување, дијалог и преиспитување на одговорноста во јавниот живот.
На Brainster Next не се дипломира само со диплома, туку со работно искуство, практични вештини и портфолио што зборува погласно од секој формален документ. Тоа е образование што гледа напред и ги подготвува студентите за иднината, не за минатото, и што создава генерации подготвени да креираат, да предизвикуваат и да менуваат.
Уписот за Brainster Next College е официјално отворен!