Статистика што зборува на јазикот на новите генерации – Brainster студенти со свои решенија за Државниот завод за статистика
Share
Во соработка со Државниот завод за статистика, студентите од Brainster Next College од студиската програма Софтверско инженерство и иновации добија можност да работат на реален проект со голема општествена важност – визуелизација и модерен приказ на статистички податоци со фокус на младата публика.
Студентите работеа на изработка на интерактивна анализа преку Power BI, со што податоците на Заводот станаа подостапни и полесни за разбирање. Во рамки на проектот креираа и дигитална публикација која го заменува класичниот начин на прикажување на статистички информации. Дополнително, дизајнираа статистички содржини што се визуелно привлечни, современи и лесно разбирливи за младата публика – статистика што зборува на јазикот на новите генерации.
Финалните решенија беа презентирани во просториите на Заводот, директно пред претставници на институцијата. Тимовите имаа можност во живо да добијат фидбек, да одговараат на прашања и да споделат идеи за натамошен развој на проектот. Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, изјави:
„Со особено задоволство би сакале да изразиме благодарност до Brainster и Brainster Next College за успешната соработка, како и за соработката со студентите кои работеа на реален проект за нашата институција, изработка на дигитална публикација користејќи податоци од нашата веб-страница.
Проектот резултираше со висококвалитетни, креативни, современи и професионално изработени дигитални решенија, студентите покажаа високо ниво на посветеност, одлична комуникација и сериозен пристап кон работата. Изборот на најдоброто решение беше навистина предизвик, што и само по себе зборува за квалитетот на изработените решенија кои може да се каже дека ги надминаа нашите очекувања“.
Овој проект е уште една потврда за нашата методологија на практично учење преку работа со реални клиенти. Студентите не само што ја применуваат својата експертиза во реален контекст, туку добиваат и директна повратна информација од професионалци од индустријата.
Овој проект е значаен затоа што претставува мост помеѓу институциите и младите, овозможувајќи им на податоците да станат алатка за информирање, инспирација и вклученост на новите генерации. Со модернизација на начинот на кој се презентираат статистичките податоци, проектот придонесува кон зголемена транспарентност, поголема достапност на информации и развој на култура на информирано граѓанство.
„Оваа соработка за нас претставува одличен пример за тоа како јавните институции и академската заедница можат заеднички да создаваат корисни и иновативни продукти, при што во исто време студентите добиваат навистина значајно практично искуство, а институциите – квалитетни и применливи решенија
Особена благодарност упатуваме и до менторите и тимот на Brainster Next College за одличната соработка, достапноста во текот на целиот процес, како и за поддршката и професионалната насоченост што им ја овозможија на студентите“. – Дејан Станков
Од аспект на општествена одговорност, проектот има двоен придонес: од една страна, им овозможува на студентите да работат на реални проблеми од јавен интерес и да стекнат искуство што ја гради нивната професионална зрелост, а од друга страна, ѝ помага на институцијата да се доближи до јавноста, особено до младите, преку комуникација што е современа, инклузивна и лесно разбирлива.
Ова е пример за тоа како образованието, технологијата и јавните институции можат да соработуваат за општо добро.
Brainster Next College продолжува да ги подготвува идните генерации за предизвиците на современиот свет – преку иновација и работа што има вистинско влијание.