За да бидеш успешен не треба да ги пропушташ можностите

Никола Соколов, коосновач на Influencers Club е уште еден од нашите гостински предавачи кој ги инспирираше студентите на Brainster Next College.
gostinsko-predavanje | Nikola Sokolov | Influencers Club | Brainster Next College
Share

Ги креиравме Brainster Next Talks настаните со цел да им овозможиме на студентите на Brainster Next College (Бреинстер Некст колеџ) пристап до успешни луѓе од индустријата што веќе го поминале „тешкиот пат“ на започнување на бизнис и се доказ дека со труд и континуирано учење може да се постигне сè. Овие експерти се вистинска инспирација, а нашите студенти ја имаат привилегијата да се запознаат со секој од нив, да ги прашуваат сè што ги интересира за областа и да добијат значајни совети за успех во кариерата уште додека студираат.

Честа да ја раскаже својата кариерна приказна и започнувањето на сопствена компанија овој пат ја препуштивме на Никола Соколов, CEO и коосновач на Influencers Club.

Кој е Никола Соколов?

За многумина, Никола е познат преку големиот број на подкасти во кои има гостувано, но и како еден од македонците што се сретна со светски познатиот инфлуенсер Гари Вајнерчук. Воедно, Никола има направено неколку невообичаени, но дефинитивно храбри и интересни одлуки во својот живот кои биле појдовна точка за креирање на Influencers Club, компанија што ја основа заедно со неговиот брат Борис. 

Дел од овие интересни избори се: 

  • откажување од програмирање по повеќе од осум години посветени на учење и работа во оваа сфера, за да започне со Growth Marketing, област што воопшто не му била позната тогаш, 
  • оставање на сигурна работа за да започне сопствен бизнис,
  • одбивање на работна виза во Америка за да се врати и живее во Македонија. 

Дали и ти би постапил исто? 

Прочитај го овој блог пост и дознај зошто Никола ги направил овие неинтуитивни одлуки и како тие влијаеле на неговиот живот.

5 работи што ги научивме од гостинското предавање на Никола Соколов

1. Не се плаши да носиш големи одлуки

Никола бил успешен за време на студиите на ФИНКИ, го завршил факултетот со 9.4 просечна оценка и по дипломирањето уште четири години посветил на програмирање. Но, кога размислувал за иднината не бил сигурен дали сака да продолжи да работи во оваа сфера. Во периодот додека бил дел од тимот на Buzz, апликацијата што пред неколку години стана една од најпопуларните помеѓу младите кај нас, сфатил дека сака да расте компанија и дека тоа му предизвикува поголемо задоволство и ентузијазам за иднината. Тогаш, почнал повеќе да истражува каква работна позиција е growth marketer, професија што во тоа време сè уште не беше меѓу популарните во Македонија.

„Донесов одлука што многумина не би ја направиле само поради тоа што не би била прифатена од другите. Да завршиш факултет, да бидеш добар во таа професија и да се откажеш е навистина тежок избор, но доколку чувствуваш дека е вистинскиот за тебе, не дозволувај другите да ти влијаат“, изјави Никола.

Потоа, Никола има живеено и работено во Америка каде што по 3 години добил прилика да биде и дел од тимот на IBM. Звучи како сон на многумина, но Никола ја одбил оваа понуда да работи во маркетинг тимот на IBM и одлучил да се врати во Македонија.

„Ова беше можеби најтешката одлука во мојот живот. За некого ова сигурно би бил еден од најдобрите начини на живот, но мене не ми беше доволно интересно и предизвикувачки. Сакам да ми се интересни работите. Тоа беше пресудно“, кажа Никола. 

2. Во бизнисот нема друг човек што може да те разбере подобро од партнерот, но бирај го внимателно

Една од темите на коишто дискутиравме со Никола беше и дали е подобро да се основа компанија сам или пак да се најде партнер. Иако постојат придобивки и со двата начини на водење на компанија, Никола ни сподели дека според него, доколку еден основач одлучи сам да води компанија е многу потешко. Придобивките од партнер во бизнисот се многубројни.

„Некогаш не е важен придонесот на партнерот, туку само негово присуство. Фактот дека имаш човек со кого имаш исти цели и можеш да разговараш за сè ти го олеснува справувањето со проблемите и предизвиците“, изјави Никола.

Но, бирањето на коосновач е една од потешките работи што еден CEO треба да ја направи и треба многу претпазливо да се пристапи кон изборот на партнер. Треба да го најдеш вистинскиот човек во кого ќе имаш неизмерна доверба и ќе си сигурен дека заедничкото водење на компанијата ќе биде подобро отколку индивидуалното.

3. За да бидеш успешен, треба да бидеш еден од првите што ќе ја согледа можноста

Никола зборуваше и за начинот на кој ги носи одлуките и што прави за да се осигура дека ја донел правилната. За некои одлуки немаме начини како да ги потврдиме или пак да се осигураме дека се вистинските за нас. Тоа останува на времето да покаже. Сепак, тоа што му помогнало на Никола да донесе неколку клучни одлуки во досегашното работење е следење на однесувањето на успешните луѓе и дали тоа кореспондира со неговото мислење. Секогаш можеш да учиш од други луѓе и да читаш книги. Низ читањето почнуваш сам да размислуваш за проблемите. Следи луѓе што ги сметаш за успешни и паметни. Слушај, гледај, читај што правеле другите и пробувај да го реплицираш тоа во твоја корист.

„Ако повеќето се согласуваат со тебе, најверојатно веќе многу компании и бизниси го имаат сфатено тоа и се таму. Живееме во динамичен свет во кој ако сакаш да успееш мораш да бидеш чекор пред другите“, сподели Никола.

Но, умешноста да се разбере кога е моментот да се откажеш од една идеја или не, е исто така пресудна во животот и бизнисот. Кога нешто повеќе не ти прави смисла, без разлика на вложениот труд и време, тоа е вистинскиот знак дека треба да се откажеш од тоа. Но, што ако сакаш да реализираш една идеја, но постојано наидуваш на проблеми и предизвици? Иако е многу специфично и индивидуално, најдобриот совет што можеш да го добиеш кога станува збор за ова е ако нешто многу сакаш, не се откажувај и бори се за тоа. Во светот има многу успешни примери за претприемачи што не се откажале и покрај огромни неуспеси, но таа упорност евентуално ги донела до правиот пат и успехот.

4. Не се труди да постигнеш повеќе работи, туку важни работи што ќе те придвижат напред

Кога ќе почнеш да го искачуваш патот кон успехот мораш да почнеш да се фокусираш на работите што се најважни во денот. Потруди се секој пат кога правиш нешто да си и психички присутен и стварно да го правиш тоа што треба да го правиш. Во тој период треба да ги изгасиш сите нотификации од социјалните мрежи и да ги минимализираш дистракциите. Почни да си го планираш времето, на неделно или пак на дневно ниво и секоја задача распореди ја по итност и важност. Најди го времето кога си најпродуктивен и не почнувај со работа пред да имаш план како ќе ја постигнеш целта. Некогаш ќе мораш да кажеш и „не“ на некои обврски и да ги оставиш за откога ќе ги сработиш приоритетите.

„Верувам дека ова ќе ви дојде и со тек на време, но пробајте да се разберете самите себе и да знаете кога сте подготвени да почнете со задачата за квалитетно да ја сработите. Јас ако имам нешто важно да сработам до крај на денот си резервирам време кога знам дека ќе можам да бидам најпродуктивен и дека тогаш сработеното ќе биде најквалитетно“, сподели Никола.

5. Сите треба да знаат барем основи на програмирање

Во свет каде што технологијата го движи светот, познавањето барем на основните концепти на програмирање е неизбежно за успех. Ако сега за да патуваме низ светот ни треба англискиот јазик за да се разбереме, веќе се движиме кон иднина каде што ќе ни треба познавање на програмирање за да можеме да живееме и да се разбираме со останатите.

„Програмирањето сè уште мислам дека е една од најдобрите професии. Сметам дека уште во прво одделение треба да се учи нешто што е поврзано со програмирањето. Носењето на одлуки и светот во кој функционираме е многу поразличен ако барем знаеш што се случува во поаздина. Што е API, што се податоци, што можеш да оптимизираш, а што не. Сигурен сум дека годините посветени на програмирањето ме имаат подготвено за подобро да се справувам со денешните предизвици“, кажа Никола.

Инспирирани од и неговите необични одлуки, студентите не престануваа да му поставуваат прашања со цел да дознаат што повеќе за како да успеат во своите кариери од соништата. За крај, Никола им порача да си веруваат на самите себеси, а не на општеството што ги опкружува.

На студентите на Brainster Next College им овозможуваме пристап до гостински предавачи кои им ги споделуваат најдобрите практики за успех.

Студирај на првиот практичен ИТ-факултет во Македонија и добиј и ти можност да учиш од врвни експерти.

Share

Биди секогаш во тек со новости од Медиа

    Следи ги новостите од медија

      X

      Првиот уписен рок наскоро се затвора

      Аплицирај за
      последните места

      Соработувај со нас

        Предложи Содржина

          Контакт Лице

          (+389) 070 239 915
          Или пиши ни на
          Softversko inzenerstvo | Brainster Next College

          Испратено!

          Твојата порака е успешно пратена. Соодветен човек од нашиот тим ќе те исконтактира најбрзо што може!