Небојша Гелевски – Бане е име кое е длабоко вкоренето во македонската графичка сцена. Со три децении искуство како основач на KOMA Design Studio, една од водечките агенции за графички дизајн и печатење во земјава, Бане е графички активист и еден од најпрепознатливите дизајнери и типографи кај нас.
Во ова интервју, Бане ги споделува своите погледи за образовниот процес на Brainster Next College, нагласувајќи го иновативниот пристап кој ги комбинира теоријата и практиката, и ја истакнува важноста на поддршката на иновативни идеи кај студентите. Тој зборува за клучните вештини кои се неопходни за успешна кариера во графички дизајн, како и за неговите позитивни впечатоци од посветеноста и енергијата на студентите.

1. Што го издвојува Brainster Next факултетот од другите факултети
Brainster Next се издвојува со својата практична методологија на учење – секоја нова вештина веднаш се става во реален контекст преку практична работа, преку посветено менторство и критичка евалуација (сам си се викам Бане-мрчаторот, студентите се согласуваат 😊). Учењето тука не е пасивно – тоа е постојан ангажман, тестирање и усовршување.
2. Како професор, повеќе препорачуваш теорија или практична настава?
Не постои добра практика без солидна теорија. Затоа, целта е не само да учиме како се прави, туку и зошто така се прави. Теоријата е основа, а практиката е теренот каде што таа се тестира. Во мојот пристап, тие секогаш одат заедно.
3. Како факултетот го поддржува развојот на иновативни идеи кај студентите?
Преку мојот предмет Типографија, постојано ги охрабрувам студентите да истражуваат и да размислуваат надвор од шаблоните. Не ги учиме само правилата – ги учиме и кога и зошто да се прекршат. За завршниот проект, заедно со мултимедијалната уметничка и дизајнерка Клелија Живковиќ, поставуваме предизвици кои бараат храброст, автентичност и иновативност. Ги поддржуваме оние кои се осмелуваат да отидат подалеку од очекуваното.

4. Кои релевантни вештини треба да ги поседува секој студент?
Љубопитност. Љубов кон визуелниот јазик. Посветеност и одговорност. И можеби најважно – способноста за самодисциплина и континуирана работа. Дизајнот не е само инспирација, туку и вештина што се гради секојдневно.
Како што рекол Исак Асимов: „Образованието не е нешто што можеш да го завршиш.“ Денес, ова важи повеќе од кога било досега. Со технолошкиот напредок и сè поголемата улога на вештачката интелигенција, учењето не е само избор – туку нужност. Во свет каде информациите се постојано достапни и сè се менува со огромна брзина, клучно е да останеме љубопитни, флексибилни и подготвени постојано да учиме. Првиот допир со графичкиот дизајн го имав 1989 година, и денес учам.
5. Кои се твоите впечатоци од работата и посветеноста на студентите?
Имаме студенти со исклучителна енергија, желба за раст и способност да размислуваат критички. Посебно ме инспирира моментот кога гледам како некое знаење, кое сме го пренеле, се претвора во нешто уникатно и визуелно силно. Секако, како и во секоја образовна средина, има предизвици – понекогаш треба дополнителна мотивација, фокус, темпо. Но тоа е дел од процесот – и на крај, кога гледам автентични и добро аргументирани дизајнерски решенија, знам дека трудот вредеше.
Во Brainster Next поттикнуваме учење кое е лично, применливо и трансформативно. Без разлика дали целта е нова кариера, личен раст или исполнување на сон, учењето тука значи преземање контрола врз својата професионална иднина. А тоа, според мене, е една од најмоќните одлуки што можеш да ја донесеш.