AI знае како. Луѓето знаат зошто. Разговор со Миле Грујовски од ⋮IWConnect

Share

Разговараме со Миле Грујовски кој ја води канцеларијата на ⋮IWConnect во Скопје. Тој со нас ќе сподели како луѓето стојат зад секој успех на компанијата, зошто соработката со образованието е важна и каква улога игра AI во иднината на програмерите. Миле верува дека технологијата се менува, но луѓето кои се љубопитни и сакаат да разберат зошто, а не само како, тие секогаш ќе бидат потребни. Во продолжение прочитајте го целосното интервју во кое Миле ќе ви раскаже што значи да се биде дел од ⋮IWConnect.

Што е она што вашата компанија ја прави препознатлива и во однос на работата и во однос на вредностите?

Луѓето. Звучи едноставно, но навистина е така. Ние сме компанија која постои повеќе од 20 години, работиме со клиенти како Deutsche Telekom, Tata Chemicals, банки, енергетски компании од цела Европа и Америка. Но ако ме прашате како стигнавме дотука, одговорот секогаш се враќа на истото, имавме луѓе кои сакаа да растат, и средина која тоа го дозволуваше.

Кај нас во ⋮IWConnect, негуваме култура на меѓусебна поддршка. Тоа не е само фраза за на веб-страница. Тоа значи дека кога некому му е тешко, другите застануваат зад него. Кога некој има идеја, добива простор да ја испроба. Кога грешиш, учиш, а не се казнуваш. Еден наш партнер рече: „120 спринтови, 100% испорака, без исклучоци.” Тоа не го постигнува технологија. Тоа го постигнуваат луѓе кои се грижат за она што го работат и кои знаат дека тимот е зад нив.

Тоа е и причината зошто формиравме свој AI Center of Excellence. Не беше тоа корпоративна одлука. Нашите инженери сами почнаа да експериментираат со AI, да пробуваат работи, да си споделуваат меѓусебно. Ние само им дадовме простор и поддршка. Кај нас, постар колега седнува со помлад, му објаснува, го менторира. Помладиот доаѓа со свежи идеи, со нов поглед. Тој кружен процес е она што нè движи напред.

Работиме од Битола, Скопје, Прилеп, Охрид, Амстердам и Нови Сад. Различни градови, различни култури, но истите вредности, посветеност, тимски дух и искреност.

Зошто сметате дека е важно компаниите да бидат вклучени во образованието уште додека студентите студираат?

Затоа што ние како индустрија немаме право да се жалиме дека кадарот не е подготвен ако не сме направиле ништо додека тие уште учеа. Тоа едноставно не е фер.

Ние соработуваме со Brainster Next College, но не само со нив. Соработуваме со факултети, со институции, со секој кој сака да направи нешто повеќе. Не бираме по факултет. Бираме по желба. Ако некој студент сака да учи, сака да проба, сака да се стави во вистинска ситуација, ние ја отвораме вратата.

И тоа не е еднонасочно. Искрено, и ние учиме од нив. Студентите доаѓаат со прашања кои ние одамна престанавме да си ги поставуваме. Доаѓаат со ентузијазам кој понекогаш нам ни треба да нè потсети зошто ја работиме оваа работа. Разликата помеѓу факултет и реалност е голема, и не е коректно таа разлика да ја премостува студентот сам. Затоа сме ние тука.

Кои вештини денес се најважни за еден студент да биде подготвен за реалниот пазар на труд?

Да знаеш да кодираш е основа. Тоа е влезница. Но тоа само по себе нема да те направи вреден на пазарот. Ќе ти кажам што јас гледам кај нас, кога разговараме со кандидати и кога работиме со млади колеги.

Прво, размислување. На работа, никој нема да ти каже „направи го точно ова, на точно овој начин.” Ќе ти кажат „овој процес ни е бавен, смисли нешто.” И тука не ти треба синтакса, туку глава. Способност да го разбереш проблемот пред да бараш решение.

Второ, комуникација. Ние имаме тимови распределени низ Македонија, Холандија, Србија. Работиме со клиенти кои зборуваат англиски, холандски, германски. Ако не можеш јасно да објасниш што направи и зошто, половината од твоето техничко знаење е невидлива.

И трето, ова може да звучи едноставно, но навика за учење. Не конкретна технологија. Навика. Пред пет години никој не зборуваше за модели и агенти. Денес тоа е барање во огласи за работа. Студентите кои чекаат некој да им каже што да учат, секогаш ќе бидат еден чекор зад оние кои учат сами.

Какви луѓе сакате да привлечете во вашиот тим во следните години?

Љубопитни. Тоа е збор број еден.

Ние не бараме луѓе кои знаат сè. Такви луѓе не постојат. Бараме луѓе кај кои кога ќе наидат на нешто непознато, првата реакција е „дај да видам” наместо „тоа не е мое.” Тоа е менталитет кој не можеш да го научиш на обука. Или го имаш или немаш, и ние знаеме да го препознаеме.

Конкретни профили? Секако, гледаме потреба за AI инженери, data инженери, луѓе за интеграции и автоматизација. Но зад секој профил бараме исто: карактер, тимски дух, желба да растеш. Инженер кој го разбира бизнис контекстот зад она што го гради вреди десет пати повеќе од инженер кој чека да му кажат што да кодира.

И уште нешто , ние работиме во тимови каде на еден проект може да работат луѓе од Битола, Скопје Нови Сад… Ако не знаеш да комуницираш, да се прилагодиш, да работиш со различни луѓе, технологијата нема да те спаси. 

Дали AI ќе ја промени потребата за програмери? Дали студентите треба да се плашат?

Не, не треба да се плашат. Но треба да се прилагодат. Тоа е голема разлика.

AI нема да ги замени програмерите. Но ќе ги замени програмерите кои одбиваат да работат со AI. Тоа е реалноста. Ние тоа го гледаме секој ден кај нас. Нашите инженери веќе користат AI алатки за да пишуваат код побрзо, да тестираат поефикасно, да решаваат проблеми на начини кои пред две години ни беа незамисливи. Токму затоа го основавме нашиот AI Center of Excellence, не за да ја замениме работата на луѓето, туку за да им дадеме алатки со кои ќе бидат уште подобри во она што го работат.

Но знаете што AI не може? Не може да седне со клиент и да разбере што навистина го мачи. Не може да донесе одлука кога податоците се нецелосни а рокот е утре. Не може да изгради доверба со тим. Тоа го прават луѓе. И тоа ќе го прават луѓе уште многу долго.

Студентите кои ќе научат да работат заедно со AI, наместо да се натпреваруваат со него, тие ќе бидат најбарани на пазарот. Без дилема.

На крајот, ова ќе кажам: технологијата ќе се менува. Алатките ќе доаѓаат и ќе заминуваат. Но луѓето кои се љубопитни, кои сакаат да разберат зошто а не само како, тие секогаш ќе бидат потребни. И ако ние како компании можеме да помогнеме барем малку тој менталитет да се изгради уште додека студентите студираат, тогаш сме направиле нешто што вреди повеќе од било кој проект.

Уписот е официјално отворен! 🎓

Со поддршка од нашите партнер компании 🤝 доделуваме факултетски ваучери до 1000€ за намалување на школарината.

✨ Аплицирај и искористи ја можноста да студираш со ваучер.

Share

Биди секогаш во тек со новости од Медиа

    Следи ги новостите од медија

      X

      Првиот уписен рок наскоро се затвора

      Аплицирај за
      последните места

      Соработувај со нас

        Предложи Содржина

          Контакт Лице

          (+389) 070 239 915
          Или пиши ни на
          Softversko inzenerstvo | Brainster Next College

          Испратено!

          Твојата порака е успешно пратена. Соодветен човек од нашиот тим ќе те исконтактира најбрзо што може!