Олга Рајчиќ е претприемачка, менторка и едукаторка со повеќе од десет години искуство во развој на компании и иновативни проекти. Од соосновач на Challenger до бизнис аналитичар во стартап за AI решенија, таа ги преточува своите практични искуства во настава што им помага на младите да ја разберат логиката на парите и да изградат финансиска самодоверба.
Со Олга, студентите сфаќаат дека финансиската писменост не е само за бројки, туку за паметни избори, дисциплина и долгорочни навики кои градат сигурна иднина.

Кое е најизненадувачкото нешто што студентите го сфаќаат кога ќе почнат да учат за личните финансии?
Најизненадувачки им е тоа што финансиската писменост не е за бројки – туку за избори, одлуки и навики. Сфаќаат дека не се работи за тоа колку пари имаш, туку како размислуваш за нив, како планираш, како поставуваш цели и како правиш мали, но доследни чекори кон сигурност и слобода.
Ако треба да дадеш еден совет за млад човек што штотуку почнува да го гради својот финансиски живот, кој би бил тој?
Почни рано и дисциплинирано да штедиш – макар и малку. Не чекај „совршен момент“ или голема плата. Финансиската стабилност не се гради со износот, туку со навиката. Доследноста кон сопствените цели е најмоќната „камата“ што можеш да ја заработиш.
Ако треба да му објасниш на петтоодделенец што е предметот Основни финансиски вештини, што би му рекла?
„Ова е предмет што ќе те научи како да се грижиш за твоите пари. Ќе научиш како да штедиш, како да планираш и како со твоите пари да правиш паметни избори – за да ги оствариш своите соништа.“

Зошто е важно младите да учат финансиски вештини уште додека се студенти, а не дури кога ќе се вработат?
Финансиските одлуки не почнуваат со првата плата – тие почнуваат со првиот избор: што ќе купиш, каде ќе вложиш време и енергија, како ќе го планираш својот месец. Колку порано научиш да управуваш со парите, толку побрзо ќе можеш да управуваш со сопствениот живот.
Ако треба со една реченица да им објасниш на родителите зошто финансиската писменост е клучна за иднината на нивните деца, што би им рекла?
Финансиската писменост ги учи децата не само како да заработуваат, туку и како да поставуваат цели и да управуваат со своите пари, за да изградат сигурна и свесна иднина преку паметни избори.
На кој начин предметот ги подготвува студентите не само за управување со личните финансии, туку и за реалниот свет на бизнисот и претприемништвото?
Предметот ги учи студентите да размислуваат како финансиски одговорни личности и како идни претприемачи. Преку практични вежби, симулации и лабораториски задачи тие учат да анализираат, планираат и носат одлуки – вештини што се подеднакво важни и за личниот буџет и за водење на бизнис. На тој начин стекнуваат реална, применлива финансиска логика која ги подготвува за секој професионален контекст.