„Имено, за себе можам да кажам дека сум доживотен ученик. Ме исполнува континуираната работа на себе, но и фокусот на давање на придонес кон заедницата, во креирање на поголемо добро, надвор од личните граници и потреби“.
Ана Вељан, соосновачка на маркетинг агенцијата Digital Halo е професорка на предметот Дизајнирање бренд идентитет на Brainster Next колеџот. Себеси се смета како нетипична графичка дизајнерка – поткована со добра маркетинг основа и со бизнис логика.
„Тоа се должи на мојот формален образовен процес – кој вклучува додипломски студии на Економскиот факултет во Скопје и мастер студии по бизнис администрација на Универзитетот Шефилд, како и на 15 годишното работно искуство во маркетинг сферата кое го имам позади себе, од кое во последните 9 години сум фокусирана воглавно на графичкиот дизајн“.
Оваа комбинација на вештини која ја поседува професорката Вељан е од одлична можност за студентите да научат од пренесето знаење и искуство:
„Сето ова придонесува за проширување на перспективата кога пристапувам на еден дизајн проект, што е од особено значење кога станува збор за развој на бренд идентитет. Токму во таков случај, неопходно е да се прошири опсегот на дизајнерската улога и да се погледне проблематиката со очи на маркетер, со ум на бизнисмен и со мудрост на психолог. Дури потоа на сцена стапува дизајнерот, со своето вродено чувство за естетика и посветеноста на детали, како би можел целата стратегија да ја преточи во дизајн кој што успешно ја пренесува бренд пораката и создава конекција со таргет публиката, кој е пријатен за око и кој добро функционира од технички аспект. Заради тоа, насочувањето кон бренд дизајнот ми дојде сосема природно и спонтано во кариерата“.
Со Ана поразговаравме за уникатноста на Brainster Next колеџот, почнувајќи од нејзиното лично искуство со застарените методи на учење и како овој колеџ претставува вистинско освежување. Потоа се осврнавме и на нејзиниот став за балансот помеѓу теорија и пракса во наставата, со силен акцент на практичната примена на знаењата, како и за нејзиното искуство како професорка на колеџот.

1. Што го издвојува Brainster Next од другите факултети?
Поаѓајќи од моето лично искуство со традиционалното образование, можам да кажам дека Brainster Next претставува освежување и вистински контраст на застарените методи на учење.
Овој факултет не се задоволува со класично предавање. Наставата е внимателно структуирана на начин што комбинира предавања, практични вежби, самостојни проекти и менторска поддршка. Тоа не само што ја гради стручноста, туку ја развива и проактивноста кај студентите. Овој пристап создава млади професионалци кои веќе имаат значајно искуство уште пред да излезат од факултетот, што е една од најголемите и најзначајните разлики во однос на класичниот академски модел.
Она што дополнително го издвојува Brainster Next е работата на реални проекти преку хакатоните коишто се организираат во соработка со вистински клиенти. Тоа им овозможува на студентите да научат како изгледа работата „во живо“, што значи работа под притисок, во тим и со реални очекувања. Ова искуство не само што ги зајакнува вештините за справување со креативни предизвици, туку гради самодоверба и вештини во комуникација со клиенти, што е клучно во секоја креативна индустрија.
Сето ова придонесува за олеснување на најтешката задача на секој млад професионалец којшто зачекорува на пазарот на трудот, а тоа е како да се пробие и да ја започне својата кариера успешно уште од самиот почеток.
Мора да ја напоменам и силната заедницата која е присутна тука – мрежа од студенти, ментори и партнери што постојано комуницираат, соработуваат и си отвораат врати едни на други. Оваа култура на поддршка, заедно со поврзаноста со индустријата и можностите за пракса и вработување, создава средина каде што студентите навистина можат да се пронајдат и изградат како идни професионалци.
2. Дали, како професор, повеќе препорачуваш теорија или практична настава?
Со оглед на тоа што ја сведочиме новата ера на развојот на технологијата, која постојано ги менува правилата на игра, целосно ни го менува начинот на работа, а допрва значајно ќе ни го промени и начинот на живот, цврсто стојам на ставот дека најсилниот модел на учење е оној што ги комбинира теоријата и праксата, но става многу поголем акцент на практичниот аспект.
Секако, теоретската основа мора да се совлада за да може студентот успешно да навлезе во материјата што се изучува, но наставата не треба да се потпира на пасивно учење. Напротив, теоријата многу полесно се совладува кога се учи низ практични примери и кога се применува во работата на проекти.
На пример, не е доволно само да се знае дефиниција за тоа што претставува бренд идентитет, туку треба да се искуси целиот процес на негово создавање – од истражување на пазарот, преку стратегија и концепт, до финална презентација пред клиент. Затоа, мојата настава се сведува на практични задачи, реални сценарија, критичка анализа и проектен пристап. Кога студентите се соочуваат со вистински проблем, тие учат многу побрзо и поквалитетно.
Практичната настава го продлабочува знаењето и им дава на студентите чувство на сопственост врз она што го создаваат, а тоа води до повисоко ниво на мотивација и развој на самодовербата.
3. Според тебе, како факултетот го поддржува развојот на иновативни идеи кај студентите?
Она што навистина ми се допаѓа кај Brainster Next е тоа што факултетот не ги третира студентите само како учесници во еден образовен процес, туку како потенцијални иноватори, демонстрирајќи силно верување во нивните способности. Преку вклучување во бројни проекти, на студентите им се нуди средина во која се охрабруваат да ризикуваат, да се обидат, да згрешат и да најдат нови решенија.
Наместо строго зададени формули и рецепти, тие добиваат предизвици во кои се очекува да генерираат идеи и да бараат алтернативни патишта.
Проектите што ги работат се многу блиску до реалниот свет, а токму таму иновацијата има смисла. Студентите учат како да размислуваат out of the box, па така секоја нова задача ја пречекуваат со сè поголема храброст, зрелост и креативност.
Дополнително, средината е поддржувачка – менторите се тука не за да „поправаат“, туку да водат, да поставуваат прашања, да поттикнуваат критичко размислување и да го поддржат студентот во неговиот креативен процес. Токму таа доверба, дека секој може да дојде до силна идеја, го храни иновативниот дух во училниците.
4. Кои релевантни вештини треба да ги поседува секој студент?
Покрај техничките знаења, убедена сум дека критичкото размислување и проактивноста се меѓу највредните вештини што еден студент може да ги развие. Нивната потреба е особено евидентна денес, кога сме опкружени со брз пристап до информации и брзи решенија генерирани од алатките базирани на вештачка интелигенција.
AI може да помогне, но студентот не смее да ја користи истата како замена за сопственото размислување. Кога се потпираме целосно на овие алатки, добиваме шаблонски и стерилни решенија на кои им недостасува креативност и автентичност, а нашата способност за расудување и критичко размислување станува “мрзелива” и со текот на времето се губи. Затоа, верувам дека AI треба да се користи како поддршка во собирање информации за разработка на веќе поставена идеја, но не како генератор на значајните елементи на кои се базира финалното решение.
Дополнително, пристапувајќи од малку пофилозофски аспект, верувам во тоа дека за да се изградиме како успешни индивидуи, клучна е посветеноста и желбата за професионален раст, но и за раст и развој на лично поле. Секоја индивидуа во себе поседува неверојатен потенцијал, а од самите нас зависи колкав дел од него ќе успееме да искористиме. Успехот може да се толкува на субјективен начин, но патот до него, каква и да ни е дефиницијата, се изодува единствено преку дисциплина, посветеност, одговорност и активна работа на себе и на работните задачи.
Работата на себе е доживотен проект кој бара голема свесност. Колку ќе вложиме, толку ќе добиеме назад – тука нема скратен пат.

5. Кои се твоите впечатоци од работата и посветеноста на студентите?
Ме воодушевува тоа што гледам голема група на млади кои се истакнуваат со неверојатен елан за учење, напредок и желба за создавање на квалитетни проекти со кои самите се гордеат. Најмногу ме хранат оние моменти кога ќе го видам задоволниот израз на лицата на студентите кога ќе успеат во нешто – кога ќе се справат со одреден предизвик и кога ќе ги надминат сопствените очекувања и дотогашното ограничено верување во своите способности.
Сепак, не секој е потполно свесен дека треба целосно да се искористи секој миг поминат на факултетот, да се добие максимумот од секој проект и да се извлече што е можно поголемо знаење од самите ментори. И тоа е разбирливо, бидејќи кога човек е на таа возраст, мисли дека пред себе го има целото време на светот и дека ќе има прилика за сè. Но, реалноста е дека времето брзо поминува, а околностите брзо се менуваат. Постојано им велам на студентите дека со секоја зададена задача тие работат за себе, а не за професорот, дека инвестираат во својот сет на вештини и во своето портфолио кое утре ќе им ја обезбеди работата од соништата.
За среќа, самата наставна програма е таква што ги поттикнува сите постојано да работат, да бидат проактивни и да учествуваат во разновидни, интересни и предизвикувачки проекти, со што дефинитивно активно вложуваат во својата иднина.